Општина Делчево започнува новогодишна иницијатива со која празничното украсување на градот ќе добие поинаков изглед. Наместо готови украси, годинава новогодишниот амбиент ќе го создаваат самите делчевци, а главната улога ќе ја имаат најмладите.
Градоначалникот Иван Гоцевски, на прес-конференција, информираше дека во иницијативата ќе се вклучат сите основни и средни училишта во Делчево, како и детската градинка.
-Децата и учениците ќе изработуваат новогодишни лампиони и украси, кои ќе бидат поставени на градските улици. Во реализацијата ќе учествуваат и вработените во Општина Делчево и ЈКП „Брегалница“, кои ќе се погрижат за поставувањето на украсите и заедничкото разубавување на градот, истакна Гоцевски.
Тој нагласи дека иницијативата, покрај празничниот ефект, има за цел да поттикне креативност, заедништво и поголема грижа за заедничкиот простор.
-Исто така преку реалиацијата на оваа иницијатива ќе се овозможи заштеда на средства од општинскиот буџет, кои ќе можат да се пренаменат за други проекти и потреби на граѓаните, додаде Гоцевски.
Градоначалникот упати повик до граѓаните да ја поддржат иницијативата, нагласувајќи дека украсите изработени од децата ќе создадат и поголема одговорност за нивно зачувување и почитување.
Целта е иницијативата да прерасне во новогодишна традиција која ќе ги обединува генерациите и ќе ја потврдува идејата дека најубавите нешта се создаваат заедно

Leave a Reply