Уште една успешна приказна на наш сограѓанин кој живее и работи во Германија

Македонец отвори угостителски објект со балкански специјалитети во германскиот град Цвикау

Златко Христов, кој од 2017 година живее во Германија, започна сопствен бизнис нудејќи пици, бурек и традиционални балкански печива подготвени по сопствени рецепти

Македонецот Златко Христов отвори нов угостителски објект во центарот на германскиот град Цвикау, каде на посетителите им нуди пици и разновидни балкански специјалитети, меѓу кои бурек, пита и традиционално печиво кое го нарекува „змија“.

Како што објавува германскиот медиум „BLICK“, Христов, кој има 34 години и од 2017 година живее во Цвикау, на 1 ноември започнал сопствен бизнис, а два дена подоцна го отворил објектот „Fast Food Una“, лоциран на улицата „Иннере Шнеебергер“ број 21, во близина на градското собрание и централната автобуска станица.

Во понудата има 11 видови пица, пиде со пилешко или свинско месо, бурек, пити со различни филови, салати, кафе и торти. Сите производи се подготвуваат свежи во неговата кујна, а гостите имаат можност храната да ја консумираат во објектот или да ја понесат со себе.

Посебно внимание привлекува специјалитетот наречен „змија“, кој претставува вид бурек, подготвен од развлекувано тесто обликувано во долгнавеста спирала.

Христов професионалното искуство во подготовката на печива го стекнал во Македонија. По заминувањето во Германија, најпрво работел во автомобилската индустрија, а потоа и како пица-мајстор во една компанија за достава на храна.

Одлуката да започне сопствен бизнис ја донел по претходното работно искуство во угостителството, со желба да работи според сопствени рецепти, наместо според однапред утврдени правила на големите синџири за брза храна.

Во работата голема поддршка му дава сопругата Сара, која е задолжена за услужувањето на гостите, додека тој се грижи за подготовката на храната.

Името „Уна“ го избрале според нивната двегодишна ќерка. Објектот работи од вторник до недела, од 10 до 22 часот.

Според објавата на германскиот медиум, новиот локал веќе привлекува гости, меѓу кои и луѓе од балканските простори, за кои понудата претставува потсетување на вкусовите од родниот крај.

Со отворањето на сопствениот угостителски објект, Златко Христов направи чекор кон самостојно претприемништво во Германија, истовремено доближувајќи ги традиционалните балкански специјалитети до локалното население.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*