Ифтарска вечера во Делчево

По повод рамазанските постии годинава во организација на делчевскиот градоначалник Горан Трајковски се одржа традиционалната Рамазанска Ифтарска вечера. На истата покрај претставници на Исламската верска заедница при џамијата ,,Мехмет Фатих II” присуствуваа и претседателот на Советот на Општина Делчево, Драган Маневски како и носители на јавни функции и граѓани од муслиманска вероисповест.
 
Честитајки им го празникот Трајковски истакна дека традицијата е таа која ги побрзува корените меѓу луѓето без разлика на која вера припаѓаат.
 
-Сакам да упатам порака за соживот, за љубов и за доверба меѓу нас. Напомнав и минатата година, а бидејки тоа е важно за мене ќе го повторам и сега, а тоа е дека традицијата е таа која ги врзува луѓето за корените, душата се определува по вербата во Бога и Светото писмо, независно од тоа дали е тоа Куранот или Библијата. Човечноста е таа која го раѓа и создава човекот по неговите дела постапки, доверба и почитувањето меѓу сите луѓе. Сакам да изразам огромно задоволство за соживотот кој го имаме во реалноста во Делчево за да си помагаме едни на други, рече Трајковски.
 
Како што истакна, имамот Сефадин Селимовски, обврска на секој муслиман е да го пости месецот Рамазан и телесно и душевно да се оддалечи од сите негативни работи во животот.
 
-Тоа е месец на милост и соживот, каде ние ги покануваме сите на Ифтар, заедно да јадеме, да го делиме лебот заедно, затоа што и животот го делиме овде во Делчево и исто така низ цела Македонија. Ние сме луѓе од различна вера и така се градиме културно и градиме наследство, градиме иднина. Се надевам дека така ќе продолжиме така што ќе ги научиме и нашите деца, да не се делат по основ на етникум, затоа што сите луѓе се еднакви пред Бога, рече Селимовски.
 
Ифтар е прекинување на рамазанскиот пост после зајдисонцето кај лицата од муслиманска вероисповед , односно претставува вечера за време на Рамазанскиот пост. Во постот се поштедени болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа. По рамазанскиот пост следува Рамазан Бајрам, кој годинава е на 15 јуни и и се чествува три дена.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*