Волонтерскиот дух го врати животот на село во делчевски Истевник

Борче и Симона Димитровски се млади луѓе од Делчево кои водени од желбата да го вратат животот во руралните средини, деновиве беа домаќини на група млади волонтери од повеќе земји од Европа. Поддржани од здружението „Зелен“ од Бугарија, а со помош на можностите кои ги нуди Еразмус плус програмата, десетина дена сите заеднички работеа на реновирање на старата куќа на Димитровски во село Истевник, од каде потекнува Борче. Целта на овие активности, како што вели, е да се даде пример како луѓето со малку ентузијазам и работа можат по теркот на живот во современи услови, старите куќи да ги претворат во едно прекрасно место за живеење.
-Чувството да се биде домаќин на таква група луѓе е неопишливо. Тоа се луѓе кои ти даваат мотивација заеднички да се оствари еден сон, кој сакаме да го реализираме во ова село и во оваа куќа во Истевник. Сите волонтери кои се овде, ни донесоа нова енергија, свежина и мотивација да продолжиме понатаму, идејата да ја оствариме и еден ден оваа куќа да стане повторно жива. Тоа ќе овозможи да имаме повеќе гости, да работиме заедно и да се дружиме. Целата идеја е да, пробаме сите заедно да се вратиме назад кон природата во Истевник и да имаме поразличен начин на живот од тој во градот, вели Димитровски.
 
За напуштените села во нашата држава, како што вели Борче, секој поединец има своја вина, затоа што повеќето луѓе решиле да заминат во градовите, наместо како што вели ,да уживаат во убавите предели кои ги имаме.
-Претежно кога сум дел од нешто слично во други земји, самиот барам да престојувам во селски средини, бидејки на тој начин учам да собирам искуства. Тоа што тука сакам да го правам во селото, го има насекаде во светот, не е само кај нас. Во другите држави само постојат поорганизирани такви места и активности, на кои особено младите можат да одат и да научат најразлични вештини за еко градба, за органско производство на храна и најразлични природни вештини, додава Димитровски.
 
Произведување на природна и здрава храна во својата градина во Истевник, е исто така нешто кое ги исполнува Борче и Симона.
 
-Имаме искуство со производство на природна и здрава храна, но бидејки имаме доста активности како долгорочни волонтери во здружението „Зелен“ и поради тоа што немаме доволно искуство, оваа година повеќе ќе се посветиме на тоа да собереме искуства. Градината не можеме само да ја посадиме и таа сама да се гледа, треба човек да биде присутен и да и посвети внимание. Затоа една од идеите е да се продолжи и на тоа поле и овде да доаѓаат волонтери и да учат тука со нас, вели Димитровски.
Во рамки на престојот во Истевник, заеднички, како што вели Борче, го реализирале и првиот експеримент, со тоа што успеале да реновираат една од собите во склад со модерното време.
 
-Првиот експериментален подвиг од овој проект е собата која ја гледате на фотографиите. При реализација на самата идеја користевме материјали кои се автентични за ова подрачје, кои порано се користеле за градба. Куќата ќе се обидеме да ја вратиме во стариот сјај, со старите материјали, а уметноста ќе ни биде само додаток. Нашат цел, не е само да се вратиме и да живееме во услови како во старо време, туку сакаме да ги прилагодиме условите близу до модерните времиња. Со еден збор кога би живееле овде нормално е да има тушеви, тоалет, интернет и се што го следува еден млад човек. Така сметаме дека ништо нема да ни недостасува, а како додаток ќе имаме и подобра храна која претходно ја споменавме, додава Димитровски.
За самиот проект, кој се реализира преку Еразмус плус програмата, претседателот на здружението „Зелен“, вели дека целта преку ваквите проекти е да им се помогне на младите луѓе кои сакаат да се вратат да живеат во село.
 
-Се викам Алеко и сум претседател на здружение „Зелен“. Се работи за здружение кое реализира најчесто проекти по програмата Еразмус плус. Во рамки на тие активности собираме доброволци од повеќе земји во Европа кои имаат желба да помогнат за враќање на животот во малите населени места. Досега имаме реализирано проекти во Бугарија, а кај Борче во Истевник сме втора година. Решени сме да им помогнеме на овие млади луѓе, кои решиле да го напуштат големиот град и да почнат иницијатива да се врати животот колку што може во малите места, да ја облагородиме нивната куќа, со тоа што таа ќе стане пријатно место за живеење. Во рамки на нашата работа во Истевник, имавме за цел да му вдахнеме нов живот на старото, стариот мебел со еден збор на старата куќа со цел да ја спремиме за живот. Во сето тоа се рабира ни помагаат волонтери од Јужна Европа, но и волонтери од Словенија, Полска или со еден збор волонтери од цела Европа, истакна претседателот на здружението „Зелен“ со седиште во Софија, Бугарија.
За Јоан Паша од Франција кој два месеци работи како волонтер искуството кое го доживеал во Истевник е прекрасно.
 
-Сакам да бидам дел од природата и од европската цивилизација, како заштитник на она што некогаш било, а особено на чистата зелена природа. Овде на некој начин учиме како да живееме на село, нивото на живот не е баш исто во село и во град и затоа сакаме да го доживееме тоа искуство и да го вратиме ако можеме животот во овие места, вели Паша.
Пофалби за природата на Истевник истакнаа и останатите волонтери. За Лора од француски Лил, Македонија е убаво место за живеење, бидејки има убави планини и убава природа, додека волонтерката од Елче од шпанската провинција Аликанте вели дека за разлика од многуте планини кои ги има, овој дел од Македонија многу и се допаѓа.
Шпанката Јон која доаѓа од северниот дел на Шпанија како што вели се откажала од својата работа за да биде учесник во ваквите проекти.
 
-Ова е првото место на кое работиме и убаво е кога можеме да правиме различни нешта за да им помогнеме на Борче и Симона. Поради доаѓањето овде се откажав од работата во мојата земја и во наредните месеци ќе бидам волонтер. Во Шпанија исто така има села со многу мала популација но не како овде, овде на пример во Истевник има околу 15 луѓе и нема млади луѓе, додека кај нас ситуацијата е малку подобра, вели Јон која доаѓа од северниот дел на Шпанија, вели Јон.
Куќата на Димитровски и црквата во село Истевник и во минатото биле дел од Меѓународен проект финансиран од Светска банка, но истиот докрај не бил реализиран, поради некои технички грешки во изведбата на реконструкцијата. Борче и Симона се заинтересирани и за поддршка од државата, но како што велат. помошта ќе ја бараат, откако административно ќе се подготват за тоа.
 
По престојот во Истевник, волонтерите ќе имаат слична задача во Бугарија, каде исто така ќе се обидат да им помогнат на други млади луѓе, кои ја поддржуваат идејата за враќање од град во село. Сите овие активности, како што додаде на крај Димитровски се реализирале, благодарение на иницијативата „Природна перспектива“ на здружението „Надеж – Hope“.

Волонтеризмот го врати животот на село во делчевски Истевник

Волонтеризмот го врати животот на село во делчевски Истевник

Posted by delcevo365.mk on Tuesday, June 11, 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*