Под мотото ,,Забава, спорт, здравје”, денеска во рамки на 24-тите Регионални спортски игри за пензионери во Берово се натпреваруваат 350 пензионери од Пехчево, Кочани, Виница, Македонска Каменица и Делчево и градот домаќин Берово.
Пензионерите се натпреваруваа во различни дисциплини меѓу кои шах, табла, домино и пикадо, како и атлетски игри, трчање на далечина, гаѓање со воздушна пушка, тегнење на јаже, скок во далечина, фрлање кош и шутирање на гол.
Пензионерите на отворањето ги поздрави градоначалникот Звонко Пекевски кој им посака добар престој во Берово, убава дружба и забава како и фер игра, додека краток осврт имаше претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери од Македонија, Станка Трајкова која рече дека овие спортски игри упатуваат јасна порака дека ,,Не можеме да го спречиме стареењето, но од нас зависи, колку ќе остариме”.

Целта на овие игри, како што истакна Претседателот на Здружение на пензионери Берово, Васе Механџиски, е дружење, спортување и преку спортскиот дух, зачувување на здравјето.
Здружението на пензионери од Берово, ги започнало своите активности во 1965 година, како граѓанска организација, за денес да прерасне во современа граѓанска асоцијација, која брои 2500 членови.
На денешните пензионерски спортски игри учествуваат 55 пензионери од Берово, а најстариот учесник имаше 80 години. За победниците организаторот денес обезбеди пригодни награди и благодарници.

Leave a Reply