Стагнираат откупните цени на јагнето, млекото и компирот

Ниски откупни цени на компирот како и стагнација на цената на млекото и јагнињата и годинава се само дел од проблемите, со кои се соочуваат сточарите од Малешевијата. Како што вели Драган Џингарски од беровско Русиново, сите овие проблеми го прават оловно тежок животот и егзистенцијата во овој крај од државата.
 
-Млекото уште јас кога бев 1990 година во млекара работев, уште тогаш беше млекото 18 денари и сега е толку. Сите цени се покачија само цената на млекото остана иста. Ако сака државата да ги задржи луѓето мора нешто да се стори за луѓето. Без пари не се живее. Да има нешто гарантирано може да се живее, а вака тешко, вели Џингарски.
 
Додава дека слична е ситуацијата и со јагнето кчија цена се движи до 140 денари за килограм жива мера.
 
-Јагнињата од 140 денари досега поголема цена не е постигната, кога дојде откупот падне на 100 до 120 денари за килограм. Јас чувам и десетина крави, но од година во година е се потешка егзистенцијата во сточарството, додава Џингарски.
Алаѓозовска Данка од Русиново, која е производител на компир се подготвува за собирање на реколтата од овогодишниот род, но вели дека најавените ниски цени не навестуваат спокојна зима.
 
-За компирот уште сега се спомнува цена од 8 денари. Со тие пари нити можеш да садиш нити да работиш. Плус пласманот оди тешко. Компирот е добар оваа сезона, уште 10 дена ќе почне реколтата да се собира, ќе почнат да доаѓаат купци, но најавената цена од 8 денари не е добра за нас, имаме далеку поголеми трошоци кои не можеме да ги покриеме, вели Алаѓозовска.
Единствената светла точка годинава беше сливата за која имаше откуп но далеку од цена која ќе биде доволна за земјоделците да имаат финансиски бенефит. Годинава вкупно Двесте и педесетте илјади стебла сливи во Малешевијата беа со послаб род од лани, но тоа не ја подобри цената за модра слива за која трговците плаќаа најмногу по 14 денари за килограм.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*