Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски со отчет за сработеното за двегодишниот мандат

Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, денес на прес конференција, излезе со отчет за сработеното за изминатите две години. Меѓу позначајните проекти, кои беа реализирани во рамки на двегодишниот мандат, Пекевски, ги посочи активностите за подобрување на патната мрежа во градот.
 
-Со средства од буџетот на општината, беа реконструирани и асфалтирани 12 улици, како и две улици во населените места во Берово. Меѓу позначајните ќе ги издвојам улиците „Борис Кидрич“, „Јане Сандански“, „11 Октомври“, улицата во село Смојмирово од регионалниот пат Делчево – Берово, до црквата во селото, како и улицата „Гоце Делчев“ во село Русиново. Со голема поддршка од централната власт, извршена е и целосна реконструкција на улица „Моша Пијаде“, додека реконструиран е дел од патот Берово – граничен премин Клепало и дел од патниот правец Берово – Виница, истакна Пекевски.
 
Во делот на социјалната заштита, како што додаде Пекевски, реконструирана е втората ламела, со кое е овозможено зголемување на капацитетите на Домот за стари лица – Д-р „Иван Влашки”, за нови 14 легла за корисниците, а во тек се подготвителни активности за реконструкција на третата ламела, проект преку кој, ќе се овозможи дополнително проширување на капацитетите на установата.
 
Пекевски на прес-конференцијата се осврна и на проектите за реализација во наредниот период, за кои општината веќе има склучено договори.
 
-Тоа се проектите за реконструкција на речното корито на река Брегалница, проект кој ќе се реализира со европски пари. Проектот за рехабилитација на дел од патот Русиново-Безгаштево, проект за поставување на нов цевковод во село Двориште, реконструкција на улица „4“ во село Русиново, реконструкција на улицата „Којова Ливада“ и изградба на улицата „Прохор Пчињски“ – втора фаза, соопшти Пекевски.
 
Општината, како што додаде и понатаму ќе продолжи да работи со единствена цел, подобрување на животот на граѓаните и развој на Берово.
Целата прес конференција по повод отчетот за двегодишниот мандат на беровскиот градоначалник Звонко Пекевски во видеото во продолжение!

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*