Во организација на Општинската организација на Црвен крст, денес на неколку локации во Делчево, младите волонтери делеа ваучери, кои се продаваа симболична цена, се со цел да се соберат средства за храна која ќе биде наменета за социјално загрозени семејства. Михаела Маџовска од Црвен крст Делчево, информираше дека акцијата се спроведува во рамки на одбележувањето на Неделата против гладта.
-Ние волонтерите на Црвен крст Делчево, денес организиравме собирна акција која е наменета за лицата кои имаат најголема потреба од храна. Имаме собирен пункт на кој собираме парични средства, кои ќе бидат наменети за купување прехранбени производи, кои ќе бидат наменети за лицата, кои имаат најголема потреба од храна, истакна Маџовска.
Вакви акции како што додава, се организирани повеќе пати во текот на целата недела во Делчево, додека во текот на вчерашниот ден собирна акција е спроведена и во Македонска Каменица.
-Акцијата денес продолжи на градскиот пазар во Делчево, каде имаше поголема фреквенција на луѓе. Радува и тоа што дел од прозиводителите најавија донации од храната која ја продаваат на пазарот и која по завршувањето на акцијата ќе им биде доставена на семејствата, на кои најмногу им е потребна, додаде Маџовска.
Неделата на гладта преку општинските организации и Црвениот крст на град Скопје секоја година се одбележува од 16 до 23 октомври
Leave a Reply