Зголемен бројот на ученичките стипендии во Делчево

Вкупно 28 стипендии во четири категории или шест повеќе во однос на минатата година за учебната 2019/20, ќе добијат делчевските средношколци со одличен успех и постигнати најдобри резултати на натпревари како и студенти од Општина Делчево. Ова беше одлучено на последната седница на делчевскиот Совет, на која беше истакнато дека одлуката е во согласност со политиката на Општина Делчево за поддршка и мотивација на талентираните ученици за постигнување подобри резултати во образовниот процес.
 
-Зголемувањето на стипендиите е резултат и на големиот интерес за општински стипендии кај средношколците, кои со својот континуиран одличен успех и постигнатите резултати на натпреварите. Според предвиденото опфатот на стипендиите во делчевската гимназија се зголеми од 6 на 10 ученици, а износот на една стипендија е 1000 денари за период од 9 месеци во текот на учебната година. Стипендиите ќе се доелуваат на ученици од 2, 3 и 4 година, кои учат во СОУ „М.М. Брицо“ со континуиран одличен успех од 4,50 до 5,00, чии родители се невработени, со ниски месечни примања или социјални случаи, истакна Ванчо Новоселски, советник за образование. 
Како што додаде, во втората категорија од досегашните 6, бројот се зголемува на 8 стипендии за тековната година, при што стипедниите се во висина од 1,500 денари за период од 9 месеци, а се однесуваат за средношколци од 2, 3 и 4 година со континуиран одличен успех од 4,50 до 5,00, кои во претходната учебна година, освоиле најмалку една награда во поединечна категорија, за освоено 1,2 или трето место на државни или регионални натпревари.
 
Општина Делчево ќе додели и 10 стипендии на редовни студенти од сите студиски години, освен I (прва) кои студираат на државните универзитети во РМ и кои постигнале особено висок успех во студирањето.
 
-Од нив 6 стипендии во висина од 2000 денари, ќе бидат наменети за редовни студенти со место на живеење во Делчево и со континуиран успех над 8,00, кои не повторувале во текот на студирањето, студенти чии родители се невработени со ниски месечни примања или приматели на социјална помош. Вкупно 4 стипендии во вредност од 3500 денари,исто така ќе добијат и редовни студенти од техничките науки и медицинските науки од сите студиски години, освен I (прва), со континуиран успех од најмалку 8,00, кои не повторувале во текот на студирањето, како и редовни студенти од општествените науки и факултетите од уметностите од сите студиски години, освен I (прва), со континуиран успех од најмалку 9,00, кои не повторувале во текот на студирањето. Предност и во двата случаја ќе имаат студентите кои не се корисници на друга стипендија или кредит од друга институција, додаде Новоселски.
 
Општина Делчево во наредниот период ќе формира Комисија која ќе ги изгради критериумите и ќе распише конкурс за доделување стипендии. Стипендиите ќе се доделуваат во период од 9 месеци, почнувајки од 1 јануари 2020 година. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*