Во Делчево промовирано делото „Везот на животот“ од поетесата Ана Дедова

Во рамките на кампањата „Денови на хуманост – дарувај со љубов“ денеска во Делчево беше промовирано делото „Везот на животот“, од поетесата Ана Дедова. Настанот го организираа Општина Делчево и ЈЛБ „Илинден“, а на истиот покрај љубители на пишаниот збор како специјални гости присуствуваа и лицата со хендикеп од Делчево кои имаа можност да се запознаат со оваа млада авторка која својот физички хендикеп го облагородува со прекрасни стиховиво кои се опејува љубовта.
 
Настанот го отвори директорката на ЈЛБ „Илинден“ Билјана Петровска.
 
-ЈЛБ „Илиден“ секогаш ги поддржува сите млади и надежни писатели и поети. Даваме огромна поддршка на младата Ана и веднаш после оваа промоција нејзината книга ќе се најде на полиците на библиотеката. Ана е една талентирана,инспиративна и упорна млада девојка која преку своето творештво ни ја пренесува пораката на сите нас дека во животот не постои невозможно. Поезијата е нејзина опсесија,таа постојано пишува,емоциите со кои е преполна ги прелева на хартија. Потекнува од уметничко семејство кое секогаш е нејзина поддршка, а дизајнот на книгата е на нејзиниот брат Дејан. Ана е автор на 4 збирки. Има 41 песна, но и од автори кои и посветиле песна. Нејзината поезија најдобро ќе ја почувствувате со очите, со срцето, со умот. Се е кристално во изразот. Нема потреба од украси. Ана има пријатели насекаде Хрватска, Бугарија, Србија. Од денес како искрени пријатели не има и сите нас. Од име на ЈЛБ„Илинден“, на Ана и посакувам многу успеси и уште многу книги, рече Петровска.
За промоторот на книгата Славица Цветкова, Ана е инспирација за сите нас дека сонот треба да се следи.
 
-Низ едно поетско зреење Ана Дедова ги создаде книгите „Охридски бисер“, „Илузија“, „Твоето ангелско лице“, а годинава „Везот на животот“. Оваа нова книга со поезија ги носи стиховите навезени од нејзиниот живот, излеани од срце и душа. Лајт-мотив на оваа збирка е љубовта кон саканиот, родниот град и семејството. Сиховите се кристално јасни без непотребно украсување и патетика. Иако напати чувствува болка, секогаш успева да се задржи на нозе, рече Цветкова.
 
За рецензентот Виолета Сековска, ова дело е уште една светлина во македонската поезија.
 
-Љубовта е алфа и омега во поезијата на Ана. Јазикот е магија јазик. Како светлосен конец ги везе песните, а тие и во најтемната душа прават светлина. Сетилата како стражи заземаат духовно местожителство, нечујно-чујно, невозможно-возможно. Целата поезија е натопена со љубов и восхит како гранка на бесконечност, вели Сековска.
Ана е амбасадор на македонската култура во Хрватска и мошне успешно го владее хрватскиот јазик. Есента 2017 година таа беше ѕвезда во хрватските медиуми, консументите на поезијата уживаа во стиховите од стихозбирката „Твоето ангелско лице“ на хрватски јазик која Ана и го посвети на познатата ѕвезда Данијела Мартиновиќ чиј фан повеќе од две децении.
 
По повод светскиот ден на лицата со хендикеп, средствата од продадените книги од промоцијата Ана ги подари на Дневниот центар за лица со хендикеп во Делчево.

Промоција на Везот на животот од Ана Дедова

Posted by delcevo365.mk on Thursday, 5 December 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*