Блиц интервју со беровскиот уметник Блаже Буровски

Денес ве запознаваме со Блаже Буровски, дипломиран Музичар теоретичар – Педагог, Сонолог воедно и ликовен уметник од Берово. Татко е на три ќерки кои како што вели се негова најголема инспирација во животот.

Омилена ликовна техника му е графиката, додека автор е на голем број инструментални дела и музички композиции од различни жанрови, најчесто поп-рок.

За Берово вели дека е одлично место за живеење во кое може да се канализира енергијата на многу себе својствен начин за разлика од брзиот ритам на живот во големите градови.

Во продолжение интервјуто со Буровски:

Делчево365: Од кога датира вашата љубовта кон уметноста?

Буровски: Би рекол дека одсекогаш постоеше љубов кон ументоста во мене. Пред се љубовта кон музичката уметност, а паралелно со тоа и љубовта кон ликовната уметност која што со текот на годините постојано ја истражував и се обидував да најдам свој сопствен стил. Впрочем, секој еден уметник е склон и пасиониран од повеќе различни уметности, што не е исклучок и кај мене.

Блаже Буровски

Делчево365: Која техника преовладува во твојата работа?

Буровски: Во глобала земено јас сум графичар и преферирам слики во графика. На ова се поттикнав сосема случајно кога пред околу 20-тина години сакав да создадам свој сопствен стил на графичко изразување, во што мислам дека донекаде и успеав, со тоа што сите мои слики изработени во оваа техника се всушност вкрстени линии, кои многу добро можат да се забележат кога сликите ги гледаме од помала далечина. Во оваа техника се пронаоѓам самиот себе, но исто така пред помалку од една година почнав да работам со акрилни бои, кај кои како подлога користам стари ќерамиди, како и дрвени платна, медијапан и слично.

Делчево365: Што најмногу ви дава инспирација за вашите дела?

Буровски: Сето она што ме опкружува, сите настани, минатото, историјата, сегашноста, иднината… Секој еден уметник пронаоѓа инспирација во се’, дури и во соновите.

Делчево365: Гледаме доста мотиви од беровско во твоите дела. На што се должи тоа?

Буровски: Отсекогаш се восхитував на староградската архитектура и она што е препознатлив белег на Берово, но и на селските населби во Малешевијата. За жал многу објекти изградени пред стотина години и кои се прогласени за културно наследство моментално се во доста лоша состојба и во фаза на распаѓање, додека графиката како стил на ликовно изразување е доста погодна за пренесување на овие мотиви во ликовна композиција. Со тоа, во текот на годинита имам направено една доста голема архива на фотографии од стари градби од Берово и сите селски населби во Општина Берово, од кои доста од нив ги имам пренесено на хартија, а секако имам направено и повеќе слики со мотиви од старо Берово, како и други комерцијални и приватни објекти во Беровско.

Делчево365: Покрај сликарството и музиката е ваша пасија. Имаме забележано неколку ваши музички дела на YouTube мрежата, кажете ни нешто за тој дел од вашиот живот.

Буровски: Пред се јас сум дипломиран музичар теоретичар – педагог, сонолог, со што моја прва љубов е музичката уметност. Со самото тоа музиката претставуваше многу поголема пасија за мене и постојано создавав музички композиции во различни стилови и жанрови од инструментални дела (пред се клавирски композиции), класични композиции и вокални дела – песни во поп-рок стил и слично. Она што го имам споделено на YouTube е дел од мојот авторски репертоар во кој сакав да продуцирам не само популарна музика, но и музика во етно стил, филмска музика, како и нешто во хаус и техно фазон. Покрај ова тука се и песничките кои ги имам напишано за моите ќерки кои последните неколку години настапуваат на детските музички фестивали во Берово и регионот.

Од музичкото творештво на Блаже Буровски

Делчево365: Татко сте на три деца, со сопругата живеете во Берово, како е да се живее во малото но познато малешевско туристичко гратче?

Буровски: Токму трите ќерки се мојата најголема инспирација во мојот живот. И самите се со доста изразен музички и уметнички талент, па доста често ги поттикнувам на истражување и пренесување на сето знаење кое го имам стекнато на двете полиња, додека живеењето во Берово како мало гратче е многу подобро отколку живеење во поголеми градови каде се повеќе е забележлива забрзаноста на живеењето и брзиот ритам на живот. Берово нуди многу, и останува на самите на нас да го одредиме правецот на нашето движење и правилното канализирање на енергија која ја имаме, што впрочем е доста лесно, особено на нас уметниците кај кои тишината е најважна за создавање на уметнички дела, било музички или сликарски.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*