Миле Тодоровски, пожарникар со над 30 години работен стаж е годинешниот добитник на наградата за најдобар пожарникар во Делчево, поради што се здоби со парична награда од Општина Делчево. Дека пожарникарството е повеќе од хумана професија, Тодоровски тоа денес го потврди на дело, со тоа што изјави дека паричната награда ќе ја донира за борба против вирусот Ковид-19.
-Благодарност до сите колеги кои оваа година мене ме избраа за пожарникар на годината, но морам да кажам дека оваа награда ја заслужуваат сите мои колеги, бидејки нашата работа е тимска и работиме сите заедно. Благодарност до градоначалникот на општината исто така за оваа награда која ќе ја донирам во хуманитарни цели во време на оваа криза, рече Тодоровски.

Тој додаде дека делчевските пожарникари од почетокот на годината се соочени со секојдневните обврски во насока на заштита на населението од појавата на зараза од Ковид-19 и интервенциите во шумски и пожари во објекти.
-Досега имавме неколку пожари на објекти, но и шумски пожари. Исто така поради вирусот Ковид-19 констатно вршевме дезинекција на улиците и институциите, се со цел заштита на граѓаните, додаде Тодоровски.
По повод Денот на пожарникарите, 20 Мај, денеска градоначалникот на Општина Делчево Горан Трајковски ја посети Територијалната противпожарна единица во Делчево и на заедничката средба со пожарникарите, изрази задоволство од професионалноста, нивната експедитивност, ефикасност и пожртвуваност и како што рече нивната одговорност во спроведување на мерките за превенција од болеста ковид 19 на територијата на Делчево.
-Нивната улога во дезинфекција на улиците, јавните површини и објекти е клучна во спре;ување на појавата на ковид 19 во Делчево. Како градоначалник изминатиов период вложував напори и инвестиравме во подобрување на условите за нивниот работен престој во единицата, а минатата година обезбедивме и опрема за лична заштита на делчевските пожарникари. Заложбите за подобрување на техничката опременост на единицата остануваат и понатаму мои приоритети, рече Трајковски.
Пожарникарството во Делчево испишува историја од 7- децениско функционирање. Првото доброволно противпожарно друштво е формирано од делчевецот Илија Дамјанов Крстевски во 50-тите години, по што е формирана првата единица на чело со командирот Никола Димитровски.
Leave a Reply