,,Копачка” се опремува со народна носија

 Во Делчево во тек е реализацијата на проектот „Со опремување до одржливост“  на ЗФГ Копачка, с. Драмче, Делчево со кој се предвидени набавки на апарат за фото и видео снимање и 10 комплети женска пијанечка изворна носија. 

Проектот е субвенциониран од Министерството за култура на Р. С. Македонија-Сектор за заштита на културното наследство со Националната програма за 2020 година, а како што информираше секретарот на групата Перса Стојановска, неговата цел е да се реши горливиот проблем со немањето комплетна носија и опрема за водење на фото и видео архива.

-За успешна реализација на проектот започнавме со активностите за остварувањето на зацртаните цели. Поради тоа упатуваме повик до секој оној што мисли дека може да помогне на било каков начин за прибирање на носија од терен, без разлика дали е во негова лична сопственост или на некој познаник, да не контактира, за да се организираме со комисијата за носија да ја преземеме и откупиме истата, рече Стојановска. 

Досега се откупени (ѓердани и рачници), или се во процес на изработка (појаси, дуалета, кошули, подгрлници, колани со монистра, чорапи и опинци), додека за откуп  остануваат фути, саји, ентерии, скутачи и невестински крпи.

Проектот како што додаде е со времетраење до крајот на октомври 2020, по што носијата ќе биде распределена на младите женски членови на групата. 

-Паралелно со овој проект го развиваме и проектот за обезбедување на делови на машка пијанечка изворна носија, а донацијата е од Општината Делчево. Комплетираната носија за секоја единка членка е од витално значење за успешно претставување на Групата во земјата и странство и многу допринесува за одржливоста на орото „Копачката“ на Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на УНЕСКО, додаде Стојановска. 

Поради откажани концерти заради пандемијата од Корона вирусот, досегашните планирани настапи на „Копачката“ во земјата како и на Меѓународниот фестивал во Софија, Балканска пелета 3,  за годинава, не се реализираа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*