Излезе од печат „Подметнати неба“ од поетесата Христина Деолска

Излезе од печат книгата „Подметнати неба“ од делчевската поетеса Христина Деолска. Книгата содржи 68 песни со љубовна, социјална и урбана тематика. За делото рецензентот Слободан Р. Мартиновиќ вели дека пред читателите е поетско остварување кое ќе им донесе многу читателско задоволство.

-Поезијата на Христина, е цела во силни, впечатливи слики. Читајќи ја, читателот има впечаток, како да се движи низ некоја ликовна галерија, бидејќи нејзините зборови во главата на читателот се претвараат во меки пластични претстави. Така што читателот, има впечаток дека не чита, туку гледа, дејство што може да го создаде само добра поезија, вели Милутиновиќ во својата рецензија.

Книгата е објавена од издавачката куќа Орион, а кориците за делото ги изработи самиот автор, која е дипломиран архитект и една од ретките која слика во стара техника Енкаустика.

Освен делото „Подметнати неба“, Христина Деолска досега ја има издадено и стихозбирката „Помеѓу сонот и јавето“, има реализирано повеќе изложби во земјата и во Качарево, Србија, додека има одржано часови за сликање во неколку училишта.

НЕКОЛКУ ЗБОРА ЗА ПОЕЗИЈАТА НА ХРИСТИНА ДЕОЛСКА

Слободан Р.Мартиновиќ

Го имав задоволството да ја запознаам поезијата на Христина Деолска уште пред да ми се укаже доверба и да ми ја испрати својата нова збирка песни „Подметнати неба“, со желба за неа да напишам неколку збора. Пред ова задача, за која не се сметам за доволно дораснат, преведов повеќе нејзини песни на српски и веројатно нејзиното задоволство од тие преводи ме препорача за истата. Поезијата на Христина, е цела во силни, впечатливи слики. Читајќи ја, читателот има впечаток, како да се движи низ некоја ликовна галерија бидејќи нејзините зборови во главата на читателот се претвараат во меки пластични претстави. Така што читателот, има впечаток дека не чита, туку гледа, дејство што може да го создаде само добра поезија. Не можам да се отргнам од впечатокот дека поезијата на ова поетеса настанала така што нејзината нежна душа се преобразила во зборови и земајќи го нивниот облик ја допира душата на читателот. За Христина подеднакво се значајни и молчењето, тишината. Зошто се важни зборовите, тоа им е јасно на сите поети – тие се нивна алатка(и оружје), но важна е и тишина-та/молчењето, бидејќи со неа може да се одгатне најважната загатка:
Ти, молкум го одгатнуваш мојот живопис.

Поетесата, светот го доживува како пустина од шупли зборови, во која жедта не можат да ни ја згаснат ни реките, а нема одек од ништо, бидејќи ветерот го краде. Многу убава поетска слика. Во оваа пустелија од шупли зборови, реките истекуваат, без да ни ја згаснат жедта, дури ветрот го краде ехото.

И Христина, како прогонетата од нејзината песна, од овој, ваквиот свет, бега во светот на стиховите. На тој благороден бег веројатно треба да му заблагодариме за оваа збирка и за задоволството при нејзиното читање. Како и другите поети, и Христина е (про)гонета со својот поетски дар, и така (про)гонета бега, лута. Не е ни чудо што Хелените поетскиот дар и инспирација, го нарекувале манија (μανία), опседнатост, збеснатост, но со благородно, боженствено потекло. Таа благородна манија извира, еруптира од многу нејзини песни, почнувајќи од уводната:

И нека сите мои лутања низ круговите на пеколот бидат искупување на гревовите под овие подметнати неба.

Тежината на тоа бегство, тоа лутање, најсилно се чувствува во оваа нејзина песна, за мене една од најдрагите:

Прогонета, бегаш, носејќи ја последната утеха со себе. Останува градот да плаче и да ја бара твојата скаменета сенка по пустите паркови. Полека исчезнуваш од свилените сонови.

Да заклучам, пред читателите е поетско остварување кое ќе им донесе многу читателско задоволство. А од поетесата очекуваме и понатаму да продолжи да се дружи со зборовите, да игра со нив и да им бара имиња.

Сѐ уште се обидувам да му дадам име на зборот заплеткан во својата несовршеност.

Витомир Долински – ПОЕТСКИ ПТИЦИ ВОСКРЕСНАТИ ВО ЗБОРОВИ – Кон стихозбирката „Подметнати неба“ на Христина Деолска

Пријатна е должноста пред пошироката книжевна ја-вност да се претстави нов, љубоморно граден и чуван поетски свет на автор кој веќе подолг период, барем за малиот круг негови проследувачи, меѓу кои ја имав честа да бидам и јас последниве неколку години, претставува според многу што заокружен уметнички универзум во кој, освен богатиот и многуслоен поетски сензибилитет, неговиот силен уметнички изблик свој особен облик пројавил и низ други сродни обла-сти, пред се низ сликарството или, попрецизно, низ енкаус-тиката, како редок, филигрански убав и специфичен ликовен израз. Притоа, дури и за мене, како релативно добро упатен содружник од времето на нејзините први уметнички пројави, да бидам искрен, претставуваше вистинско и пријатно изне-надување запознавањето со чудесниот поетски универзум на Христина Деолска, сместен меѓу кориците на оваа, по обем, неголема поетска книшка, како и сознанието дека, сепак, незгасливото sвездено небо на нејзината поетска и уметничка дарба, притаено но моќно, тлеело длабоко во неа, чекајќи го и барајќи го вистинскиот момент, мигот кога едноставно не ќе може повеќе да гори во себе и согорува, без да го доживее својот неминовен надворешен облик. Иако очигледно создавана во еден подолг временски период, збирката „Подметнати неба“ претставува според многу што стамено и прецизно осмислена и заокружена поетска градба, со 70-тина суптилно „насликани“ поетски фрески кои, иако дури и вака, навидум невообичано, неподредени по циклуси, па најчесто дури и ненасловени, сведочат за длабоката осмисленост и конзистентност, како на иницијалниот поетски поттик, така и на сосем задоволително втемелената структура на поетскиот израз и носечките визии и пораки упатени кон потенцијалниот „посетител“, читателот кој, осветлен од суптилниот пламен на нејзиното поетско небо, ќе sирне низ „пукнатините на времето“ кон „соврше-ното засолниште на мечтите“, раскошните поетски слики насликани од авторот кому, очигледно, и „..бог (му) ги оста-вил портите (ширум) отворени“… Речиси е чудовишна потребата на Деолска, притоа, а претпоставувам дека тоа била и најдлабоката внатрешна причина за релативно доцната јавна споделеност на сопствениот, длабоко интимен поетски универзум, значи, чудовишна е потребата на авторот да се премолчат зборовите, за сметка на сликите, зашто, како што и самата вели во еден стих, „во мене, тишината се радува“. Оттаму и не случајно, птиците, еден од најзначајните поет-ски симболи на Деолска, „зборовите цврсто ги држат во клу-нот“, додека таа, преку нејзиното „последно послание за не-верниците“, во кое и „коските добиваат облик на време…“ така раскошно насликани ни ги „…нуди нови(те) воскресенија пред храмот на мртвите птици…“, или, под „…стреата за починка меѓу две патувања“, „…ја праќам сенката во извидни-ца/пред да излезам од себе“. Или, додека „плачеме и по сол-зите се препознаваме“, „…наутро одново ги собираме праз-ните постели вредни од самувања…“ И само од посо-чените, филигрански извајани поетски слики, јасно е врз каква тематско-мотивска основа е никната и обликувана оригиналната поетска галаксија на Деолска со што оваа збир-ка, несомнено, претставува збогатување на нашето современо поетско искуство и наследство. Песните на Деолска, притоа, се сосем автентични по сензибилитет, по односот кон предметот на своето созна-вачко и чувствувачко јадро, по самосвојноста на сопствената лирска интима. Во тоа, всушност, и се крие најзначајната карактеристика на оваа збирка која, искрено се надевам, ќе биде само една од низата нови, сега веќе нестрпливо оче-кувани поетски објави на Христина Деолска, новото, несомнено надарено и, според многу што, специфично поетско име на македонската книжевна мапа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*