Отворена постапка за јавна набавка за реализација на првата фаза од изградбата на Градски пазар во Делчево

Во Делчево отворена постапка за јавна набавка за реализација на првата фаза од изградбата на Градски пазар. За реализација на набавката како што информираа од општината се обезбедени средства од Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој од Програма за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година во вкупен износ од 14 милиони денари од кои 7 милиони денари се средства од Буџетот на Општина Делчево за 2020 година. 

Изградбата на градскиот пазар е капитален проект за Делчево, кој како што истакна градоначалникот Горан Трајковски ќе придонесе за осовременување на условите за работа и за продавачите и за купувачите.

-Со негова изградба овој дел на градот ќе добие современ урбан изглед, а воедно, ова урбанистичко решение ќе овозможи да се создадат атрактивни локации за нови градби. Моменталната локација на градскиот пазар не ги дава потребните услови, па се незадоволни и продавачите и купувачите. Ние сакаме да добиеме современ градски пазар со целата инфраструктура, во смила отворен и затворен дел, како и соодветен паркинг простор, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање на храната, истакна Трајковски.

Во првата фаза на реализација тој додаде дека се предвидува изградба на продажен простор за земјоделски и други стоки кој ќе биде покриен со кровна конструкција како и простории од затворен тип за продажба и услуга на производи со разна намена, администрација, помошен дел и санитарии. 

Отварањето на јавната набавка како што додадоа од општината ќе биде електронски на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) на 17 септември 2020 во 9:00 часот, а сите заинтересирани можат да присуствуваат на јавното отворање во салата за состаноци на општината.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*