Беровските училишта подготвени за почетокот на учебната година со физичко присуство на учениците

Основните и средното училиште во Берово се подготвуваат за почеток на новата учебна година согласно новите протоколи за одвивање на наставата. Надлежните служби при општина Берово информираа дека е извршен увид на сите училишта на територијата на општината, при што е констатирано дека истите се подготвени за успешен старт на учебната 2020/21 година.

-Во изминатите две недели, градоначалникот и општинските служби, одржаа повеќе состаноци во пресрет на учебната година и е разговарано за донесените протоколи од страна на Министерството за образование и наука во согласност со можностите на училиштата, по што се донесени и конкретни заклучоци. Притоа направена е анкета на ниво на трите училишта, на која во најголем дел, од дури 90 проценти од родителите се изјасниле за физичко присуство на учениците, истакнаа надлежните.

По направената анкета како што додаваат, поднесено е барање до Министерството за образование и наука наставата во општина Берово, да се одвива со физичко присуство во две смени, а во основното училиште во село Русиново, каде родителите 100 процентно се изјасниле за физичко присуство, наставата да се одвива во една смена.

Изразувајки задоволство од спроведените активности, градоначалникот Звонко Пекевски очекува безбеден образовен процес во Берово во новата учебна година.

-Иднината и безбедноста на младите генерации во овие услови на пандемија од Ковид-19, се најважни, затоа сите, треба да дадеме се од себе, учебната година безбедно да започне и да имаме безбеден образовен процес, рече Пекевски.

Во насока на успешен старт на учебната година, деновиве увид во подготвителните активности на двете основни и средното училиште, согласно новите протоколи за одвивање на наставата во услови на Ковид-19 изврши и Општинскиот просветен инспекторат. Оттаму излегоа со оценка дека генерално сите се подготвени за безбедно да ја започнат учебната година, почитувајќи ги сите протоколи од МОН.

Паралелно како што дополнија од општината во насока на успешен старт на учебната година во Берово, во деветолетката „Дедо Иљо Малешевски” во тек е уредување на дворната површина на училиштето, во подрачното училиште во село Митрашинци се врши прмена на кровната конструкција на салата, додека во училиштето „Никола Петров Русински” во тек е оградување на училишниот двор. Активности како што додадоа се реализираат и во Општинското средно училиште „Ацо Русковски” каде во тек е реконструкција на училишните тоалети.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*