Започна најавената изградба на улиците „Бел Камен“ и „7 Септември“ во Пехчево

Започнаа градежните активности за изградба на улиците „Бел Камен“ и„7 Септември “ во Пехчево. Како што информираа надлежните, фирмата изведувач на градежните активности моментално работи на подготвување на теренот за поплочување на улиците со бекатон плочки.

-Започнато е со порамнување и тампонирање на улиците кои со проектот е предвидено да бидат со широчина од 3 метри и должина од околу 200 метри. Со изградбата на новите улици, Општина Пехчево продолжува со предвидената динамика да ја подобрува состојбата на постојните улици, како и изградба на нови улици на нејзина територија, информираа од општината.

Вршејки увид во градежните активности, градоначалникот Драган Тренчовски додаде дека по нивното завршувањето ќе се работи и на изградба на нова улица во селото Црник.

-Како дел од Програмата за изградба и одржување на локалните улици и патишта во општина Пехчево, започнавме со активности за изградба на две улици во Пехчево, додека наредната недела започнуваме и со изградба на улица во село Црник. Средствата за реализација на активностите се обезбедени преку Министерството за финансии во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги финансирани со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка) – Втор МСИП. Паралелно работиме и по останатите населени места и тоа изградба на две улици во селата Умлена и Робово, а ја изградивме и трпезаријата при детската градинка „7 Септември“, додаде Тренчовски.

Тој кажа дека ќе се имплементираат и дополнителни проекти кои овозможуваат подобрување на безбедноста, на мобилноста и превозот меѓу кои градежни работи за изгрaдба на потпорни ѕидови, мали свлечишта, пропусти за прифаќање на поројни води и други објекти по должината на патната мрежа, со кои ќе се санираат небезбедни и ризични места.

Средствата за изградба на улиците „Бел Камен“ и „7 Септември“ се обезбедени од буџетот на Општина Пехчево, а вкупната вредност за реализација на овој проект изнесува околу 1,2 милиони денари.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*