Делчевските училишта со барање за настава со физичко присуство, но и онлајн настава

Настава со физичко присуство на ученици, но и он-лајн настава бараат сите делчевски училишта. Ова денеска го истакнаа директорите на трите образовни институции на состанокот одржан со градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски.

На истиот како што информираа надлежните беше истакната подготвеноста на училиштата за почеток на учебната година врз основа на Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020-21 и протоколот за постапување во основните и средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство.

-Делчевските училишта се подготвени да обезбедат безбеден воспитно-образовен процес во училиштата. Согласно со направените анализи, во СОУ „М.М.Брицо“ има услови за да се реализира настава со физичко присуство, како и во ООУ „Св.Климент Охридски“, заедно со подрачните училишта, додека во ООУ „Ванчо Прке“ се предвидува онлај настава, а во подрачните училишта на ова училиште има услови за настава со физичко присуство, информираа од општината.

Во моментов во сите три образовни институции во Делчево се вршат финални подготовки и се обезбедуваат услови и за евентуална он-лајн настава.

Барањата од училиштата за организирање настава со физичко присуство за учебната 2020/21 г. се испратени до Министерство за образование, а на утрешната Седница на Советот, советниците треба да ја донесат одлуката за организирање настава со физичко присуство која ќе се испрати до соодветната Комисија во МОН.

Инаку, основните училишта во Делчево се подготвени за организирање настава со физичко присуство од 1 до 3 одделение.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*