Во Делчево навреме започна новата учебна година за учениците до трето одделение и во подрачните училишта

Во Делчево навреме започна новата учебна година за учениците до трето одделение и во подрачните училишта во деветолетките „Св.Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“. Воспитно-образовниот процес започна со дезинфекција на обувките и мерење температурата на учениците, што е дел од протоколите за успешна реализација на наставата во услови на Ковид-19.

-Во централното училиште „Св.Климент Охридски“ новата учебна година започна без проблеми. Се запазуваат сите пропишани протоколи по што учениците од прво до трето одделение започнаа со настава. Учениците беа примени на посебни влезови така што немаше поголеми гужви во училиштето. Исто така според информациите од одговорните во подрачните училишта во селата Стамер, Вирче, Град, Тработивиште и Разловци може да кажеме дека и таму учебната година започнала без проблеми, информираа од Општинското основно училиште „Св.Климент Охридски“.

Во ова училиште како што додадоа денес се примени и сите првачиња кои претходно уредно беа запишани во училиштето.

Во деветолетката „Ванчо Прке“ денес освен во централното училиште настава ќе следат и учениците од подрачните учлишта во селата Габрово и Ѕвегор.

-На сите ученици кои денес започнуваат со настава им беше овозможен посебен влез во училиштата. Навремено без проблеми и потешкотии се справуваме со овие новонаметнати услови во кои денес ги примаме и оние кои за прв пат ќе седнат во училишните клупи, а тоа се првачињата. Посакуваме успешен старт и на учениците кои онлајн ќе следат настава, истакнаа од деветолетката „Ванчо Прке“. 

Честитка по повод почетокот на учебната година упати делчевскиот градоначалник Горан Трајковски.

„Почитувани ученици, во доста специфични услови, денеска започнува новата учебна година. Како никогаш досега, соочени сме да обезбедиме безбеден по здравјето образовен процес и за сите ученици и за сите наставници. Затоа, треба да сме одговорни, дисциплинирани, да ги почитуваме препораките и да вложиме напори, сите заедно да го направиме овој процес успешен, бидејќи образованието е важно и за него нема алтернатива, тоа ви го трасира патот кон вашата иднина.

Колку побрзо ја прифатиме новата нормалност во која живееме и работиме и колку искрено сите се вложуваме во образовниот процес, било да се одвива онлајн или со физичко присуство,  толку побрзо ќе стигнеме до резултатите.

 Посебно сакам да истакнам дека денешниов ден е празник на сите деца кои прв пат седнуваат во училишните клупи, на нивните родители, но и на сите нас, бидејќи денеска нова генерација запловува во образовниот процес. За , жал, пандемијата и светската здравствена криза наметна првата лекција на оваа генерација да биде  одговорност и грижа за сопственото и здравјето на секој соученик и наставник.

 Да им посакаме на нашите првачиња, лесно да се справуваат со предизвиците и лесно да го пронаоѓаат скриеното богатство што се вика знаење во нивното училиште.

Да им помогнеме, да бидат успешни ученици, кои со радост ќе ги совладуваат задачите и секојдневно ќе ги откриваат убавините во другарувањето, знаењето.

Посакувам СРЕЌЕН ПОЧЕТОК на учебната година на сите првачиња и ученици“, рече градоначалникот Трајковски во честитката до учениците.

Со среќа на сите ученици во новата учебна 2020/21 година

Gepostet von delcevo365.mk am Mittwoch, 30. September 2020

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*