Во Делчево започнуваат активностите за изградба на нова детска градинка. За таа цел како што информираат надлежните, Општина Делчево објави постапка за јавна набавка „Основен проект за изградба на нов објект за прием и сместување на деца – детска градинка“.
-Видот на постапка е набавка од мала вредност, а критериум за доделување на договорот е најдобар однос меѓу цената и квалитетот. Јавното отворање на понудите е најавено за 19.10.2020 во 13:00 часот, а сите заинтересирани можат да присуствуваат на јавното отворање во салата за состаноци на општината, информираа надлежните.
Согласно со проектната задача, како што додаваат градинката е планирана за изградба во населбата Расадник.
-Објектот ќе биде организациски и функционално дел од постоечката установа Општинска јавна установа „Весели Цветови“, но треба да обезбеди независност во своето функционирање и вршење на основната дејност согласно со законот во секој поглед. Во новиот објект треба да се овозможат услови за прием на 130 деца и тоа две групи деца од 9 месеци до 24 месеци, две групи деца од 2 до 3 години, две групи деца од 3 до 4 години и две групи деца од 4 до 5 години, додадоа од Општината.
Согласно предвиденото проектот треба да содржи и простор за дистрибутивна кујна и соодветни простории за вработените, спортски реквизити како и сала за активности.

Leave a Reply