Општина Делчево изготвува стратешки документ за Локален економски развој

На работна средба денес продолжија активностите за изработка на стратешки документ за локален економски развој на Општина Делчево. Како што информираше Родне Деолска од Регионалниот центар за застапување кој беше вклучен во изработката на документот, истиот се однесува на периодот 2021-2025 година.

-Ние во изминатиот период работевме на прибирање информации за општината, нашиот тим го направи оној главен костур на документот со сите најнови информации, за што ни помогнаа луѓето од неколку одделенија од општината, бизнис секторот и невладините организации. Во рамки на активностите, денеска со надворешен експерт одржуваме консултативна средба со сите засегнати страни, на која средба ќе ги направиме стратешките цели за овој документ. Целта е присутните да  ги кажат своите предлози, односно сето она што треба да се направи за да биде вметнато во овој стратешки документ кој е важен за секоја општина, а со тоа и за општина Делчево, рече Деолска.

Во наредниот период, како што додаде Деолска ќе следи изготвување драфт верзија на документот кој ќе биде ставен на јавна расправа, а потоа ќе се бара и одобрување на документот од страна на Советот на општината.

Стратешкиот документ како што додаде Тони Стоименовски од ЛЕР Делчево се изработува на секои 4 до 5 години и во него преку партиципативен пристап се одредуваат прироритетните области со визијата и мисијата на општината.

-Во овој документ значи ќе се најдат сите сектори, вклучувајки го и градежниот сектор, урбанистичкиот сектор, културата, спортот, граѓанскиот сектор и земјоделието. Документот е еден вид устав за општините кој ќе ги содржи сите активности кои ќе ги реализира општината. Исто така предвидена е компонента за јакнење на капацитетите на општинската администрација која ќе се обучува за трендовите на Европската унија во делот на апроксимација на домашното законодавство. Целта е значи да се прилагодиме на овие капацитети на локално ниво, кои треба да ги поседува една општина, како идна членка на Европската унија, рече Стоименовски.

Анализата за реализираното во проектот е предвидена за 2024 година, при што од општината изразија надеж дека 70 проценти од планираните активности кои ќе произлезат од овој документ ќе бидат реализирани.

Проектот започна во месец март 2020 година и е со времетрање до крајот на оваа буџетска година. Вкупниот буџет е обезбеден од Општина Делчево преку финансирање на граѓанските организации како редовна ставка за финансирање на граѓанските организации која се распишува преку јавен повик на почетокот на секоја година.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*