Пазарџиите од Делчево и околните места со желба за поскоро отворање на границата со Бугарија

Пазарџиите од Делчево и околните места уште еднаш побараа отворање на границите со Бугарија, со цел подобрување на продажбата на нивните производи. Најголем дел од нив велат дека во изминатите 5,6 месеци колку што се затворени границите, поради вирусот Ковид-19, нивната продажба е преполовена.

-Многу ни фалат, премногу. Веќе 6 месеци како не се присутни и тоа се чувствува секако на продажбата, бидејки кога доаѓаа, купуваа од се по нешто, вели продавачка на пластичарски производи.

-Ни фали нивното присуство како не, половина од пазарот тие го правеа, ама не ги пуштаат и така остана. Не е никој виновен за тоа, но засега се чувствува, вели продавач на пазарот од Јакимово.

Меѓу најпогодените од отсуството на гостите од Бугарија, како што самите истакнаа се продавачите на ориз, грав и други земјоделски и раноградинарски производи.

-Се чувствува тоа сине, доаѓаа и се што имаше на тезгата купуваа, грав, ориз, праз, пченка. Купуваат и нашите, но малку постегнато, вели една од продавачките на градинарски производи.

-Сега е сезона на компир, боранија, пипер и друго и иако продаваме не е дека не продаваме, ама не е исто, додава друг продавач на градинарски производи.

На денешниот пазарен ден во Делчево имаше и пазарџии, кои рекоа дека се преживува и од она што ќе го купат локалните муштерии.

-Има доста луѓе кои купуваат и тука, Не ни требаат овде гости од Бугарија, не не посакуваат и ние не ги посакуваме и не се пожелни. Лично го кажувам ова како граѓанин на Македонија, а не како што тие некогаш не ословуваат од Северна Македонија, вели продавач од соседните општини.

Сепак повеќето, под итно побараа отворање на границите, со што повторно градскиот пазар во Делчево ќе биде преполн со купувачи од соседството.

-Наша препорака е да се отворат границите што поскоро, бидејки пазарот многу зависи од нив, нема продажба, пиперот останува, не само пиперот, грав, компир и се друго што произведуваме, децидни се пазарџиите.

Делчево кое се наоѓа на само 10 километри оддалеченост од границата со Република Бугарија во голема мера е зависно од присуството на соседите кои крепеа дел од локалната економија. Тие не само што беа редовни муштерии на градскиот пазар, беа и чести гости во делчевските локали, чии сопственици не го криеја задоволството кога капацитетите за викенди им беа преполни. Единственото прашање кое во моментот се наметнува како што велат експертите е колку по евентуалното брзо завршување на епидемијата со Ковид-19 и тие ќе бидат финансиски моќни, повторно да бидат главни двигатели на сопствената, а потоа и на овдешната локална економија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*