Во делчевското село Разловци започнаа градежните работи за отворање на првата детска градинка

Во делчевското село Разловци започнаа градежните работи за отворање на првата детска градинка. Станува збор за преадаптација на две училници во подрачното училиште „Св. Климент Охридски“, со што за прв пат како што истакнаа надлежните во Општина Делчево се инвестира во раниот детски развој во рурална средина.

Увид во градежните активности, денес изврши градоначалникот Горан Трајковски кој во изјавата за медиумите го потенцираше значењето на оваа инвестиција, со која во Разловци како најголемо, но и наоддалечено населено место во Општината ќе биде отворена детска градинка.

-Инвестираме во раниот детски развој и создаваме современи услови за згрижување и воспитување на дечиња на возраст до 6 години во село Разловци, со што за прв пат во нашата Општина се отвора градинка во рурална средина. Ценам дека отворањето на детската градинка многу ќе помогне на младите родители кои имаат работни обврски и ќе знаат дека додека тие се на работа, нивните деца се згрижени и со нив посветено ќе се работи по содветни програми наменети за соодветната возраст на дечињата. Во оваа прилика, изразувам посебна благодарност на МТСП за реконструкција, адаптација, опремувањето на просторот, а воедно и на одговорните лица во ООУ „Св.Климент Охридски“ кои излегоа пресрет и ја препознаа потребата и значењето на инвестиците во раниот детски развој и овозможија детската градинка во Разловци, да се отвори во училишната зграда за што се ослободија две училници, рече Трајковски.

Според планираното, како што додаде директорката Билјана Симовска, во градинката во Разловци ќе бидат згрижени 20 дечиња.

-Потребата од отворање на градинка во рурална средина е голема и е во насока на политиката на МТСП за поголем опфат на децата во предшколските установи. Предвидено е да има една занимална со сите придружни елементи, тријажен простор за прием на децата, една чајна кујна, каде децата ќе добиваат топол оброк, бидејќи овде ќе бидат децата со целодневен престој, потенцираше Симовска.

Вкупната вредност на инвестицијата од МТСП е 4 милиони денари. Градежните работи се очекува да завршат за неколку месеци.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*