Орото „Копачка“ навршува 6 години од впишувањето во УНЕСКО

Едно од најпознатите Пијанечки брендови, орото „Копачка“, навршува 6 години од впишувањето на листата на УНЕСКО, како нематеријално културно наследство на човештвото. Фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, Делчево која го изведува орото веќе долги години наназад во моментот брои над 35 членови. Највозрасниот член на групата е Данило Стојчевски кој сите го знаат како дедо Дафчо, кој долги години е ороводец на Копачката. Меѓу најмладите членови на групата, предничи групата на тапанџии, кои пред неколку години ентузијастички почнале да доаѓаат и да учествуваат во програмите за изведба на Копачката и оттогаш се редовен декор во групата.

Состојбата со пандемијата со вирусот Ковид-19 годинава не им дозволи на членовите на групата годинава да ја одбележат шестгодишнината од влегувањето на „Копачката“ на листата на Унеско. Сепак одбележувањето на настанот, како што информира Перса Стојановска, секретарот на Здружението „Фолклорна група Копачка, село Драмче Делчево, ќе се реализира на социјалните мрежи, преку потсетување на активностите кои групата ги имала во изминатите 5 години по влегувањето во УНЕСКО.

-Годинава се навршуваат 6 години од впишувањето на орото Копачка во УНЕСКО, на репрезентативна листа на нематеријални културни наследства на човештвото. Пред тоа претходеше еден процес во кој мораше да биде орото заштитено на национално ниво и тоа се случи на 8 август 2012 година, кога во Службен весник беше објавено дека нематеријалното културно добро, орото „Копачка“ се заштитува на национално ниво од исклучителен интерес. Минатата година направивме една голема и гламурозна прослава за впишувањето на орото Копачка во УНЕСКО и неговата 5 годишнина по повод тој мал јубилеј, но поради пандемијата, годинава немаме можност да го организираме настанот предвиден за тоа, но ќе ги користиме материјалите од тој јубилеј за да можеме на нашата фејсбук страница да се потсетиме на значајниот датум, рече Стојановска.

Освен одбележувањето на 6 годишнината од впишувањето на репрезентативната листа на УНЕСКО, годинава како што додаде секретарот на „Копачката“, планот беше да бидат реализирани три проекти.

-Во процедура е проектот „Со опремување до одржливост“ финансиран од Министерството за култура. Всушност го завршиевме делот за комплетирање на 10 женски Пијанечки изворни носии за нашиот подмладок на женски членови на фолклорната група Копачка. Можам да кажам дека сум горда на тој проект со кој што со 14 елементи на Пијанечка изворна носија сите откупени на терен, комплетиравме и направивме носии, со кои можеме да се гордееме, надевајки се дека идната година ќе се средат работите со Коронавируот и дека ќе можеме да се вратиме на сцената како носители на орото Копачка, со што истото повторно ќе го претставуваме во земјава и странство, додаде Стојановска.

Поради пандемијата како што додава откажан е настанот Балканска палета во Софија кој исто така бил дел од предвидените активности на групата.

-Во меѓувреме кога сме кај проектите реализиравме дел од проектот Копачка 2019 преку кој обезбедивме опинци, кои со нашите настапи дотрајуваат заради што е потребна континуирана обнова. Значи во делот од проектот кој го реализираме преку Општината, секоја година додаваме елементи на Машка пијанечка носија за да ја комплетираме дел од машката носија на нашите членови. Годинава во тој поглед работиме на машки „потури“ со средства од општината преку проектот „Предизвици за одржливост на Копачката во УНЕСКО“, додава Стојановска.

Таа се осврна и на гостувањата на Фолкорната група по впишувањето во УНЕСКО.

-Од тој момент во континуитет имавме многу повеќе настапи во странство, отколку претходните години. Ја „обиколивме“ нашата земја на многу културни настани каде Копачката немаше учествувано, а позначајни настани во странство ни се учествата на фестивал во Будимпешта, потоа турнејата низ Србија и Словенија при што настапивме во Белград, Република Србија, како и Крањ и Копер во Словенија.Настапивме и во Словачка на Јаношиќеви денови, тоа беше извонреден настап на настан на кој досега нашата група немаше можност да учествува. На истиот учествуваа исто така носители на други Светски културни наследства со присуство на публика од над 80 илјади посетитетли, настан кој беше пренесуван и на Националната телевизија.Имавме и редовни учества на фестивали како Етно глас во Панчево, во Белград настапувавме во Народниот театар, настапувавме на Денови на Македонска култура во Ниш. Воедно чести гости сме кај нашите блиски соседи Република Бугарија кај здружението „Леб и Вино“ кои секоја година организираат настани како Божик, Ѓурѓовден, настапувавме и на Македонскиот културен центар во Софија, како и во други села и градови во Република Бугарија, додаде Стојановска.

Немајки можност да одржуваат проби и да имаат настапи, Стојановска на сите носители на фолклорното добро – орото Копачка, им посака добро здравје и изрази надеж дека ќе се вратат добрите времиња кога групата ќе ја започне старат шема со заеднички проби за враќање на кондицијата на групата,а со тоа и настапите на фестивали кои ќе бидат реализирани.

Од минатите репортажи за Копачка:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*