Беровските матуранти го изразија незадоволството против полагањето Државна матура

Седми ден како матурантите од гимназијата „Ацо Русковски“ од Берово не следат онлајн настава. Причината како што истакнаа на денешната прес конференција е бојкот на Државната матура.

-Одлуката за бојкот на наставата во 4 година не е одлука на поединец по успех или титула, туку е донесена врз база на претходно остварени контакти на претставници на гимназијата со претставници од други училишта поврзани со бојкотот на наставата, истакна Ѓорѓи Сивевски, претставник на училиштето.

Марија Ѓеговска додаде дека чувството на гнев, кај матурантите е поттикнато од правење промени во образовниот систем за кои сметаат дека не би требало да бидат ставени пред нивното барање кое како што додаде треба да биде во прв план.

-Откако не добивме одговор на барањето целосно да се укине матурата, направивме компромис и мислиме дека најлогично и најсолидарно решение би било да се усогласиме со скратена верзија на матурата. Под тоа подразбираме полагање на два предмети, од кои првиот предмет да биде мајчин јазик, а вториот изборен предмет. Исто така бараме да остане опцијата за проектна задача. Очекуваме разбирање и брз одговор од страна на МОН. Во спротивно продолжуваме со бојкотот кој би продолжил со масовни протести, истакна претседателот на училишниот одбор, Марија Геговска.

Додаде дека согласно планот за образование на средношколците, се предвидува измена на законот за Државна матура, која според нив би ја полагале оние кои би изразиле желба за тоа. 

-Исто така планот предвидува и кратење на содржината на матурата во најбрз можен рок. Првиот начин е да се скрати бројот на предмети кои треба да се полагаат, односно да се полагаат само два предмети, од кои првиот би бил мајчин јазик, а другиот во зависност од олуката на матурантот, додека вториот во зависност од одлуката на матурантот. Според вториот начин, бараме бројот на предмети да остане непроменет, но најдоцна до средината на јануари целата содржина да биде скратена. И во давата случаја, настојуваме прашањата за државната матура најдоцна до февруари да биде објавена. Исто така во однос на кратењето на програмата да бидат вклучени професори во зависност од предметите кои се најкомпетентни во областана предметот, додаде Геговска.

Во однос на подобрувањето на образовниот процес матурантите, како што додадоа на денешната прес конференција ќе настојуваат да се создаде платформа за директна комуникација на професорите, средношколците, наставниците и основците со претставници на МОН, како и прилагодување на програмите по претходна консултација со професорите односно наставниците.

Во таа насока предвидено е и одржување на обуки за сите професори и наставници, со што, според матурантите начинот на предавање на наставниот материјал би се променил од корен, а на часовите би се овозможила дискусија околу одредена тема која е на ред за предавање. 

Од гимназијата не излегоа со официјална изјава, но додадоа дека не се против барањата на учениците, но од друга страна бараат да се почитуваат постоечките закони околу спроведувањето на Државната матура.

-Не сме против барањата на учениците и секогаш сме за соработка, но конкретните барања се до Министерството, тоа е дел од законот кој никој нема право да го крши, истакнаа од беровската гимназија.

Учениците кои протестираа истакнаа дека во изминатите 7 дена, не следеле онлајн наставата и изразија надеж дека отсуството нема да им биде регистрирано неоправдано, додека додадоа дека имаат притисоци да се вратат на онлајн настава, но имаат и поддршка од одредени професори.

Годинава во беровската гимназија Државна матура ќе полагаат 100 матуранти, меѓу кои и матуранти од Пехчево кои се дел од беровската гимназија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*