Делчевската опозиција контра Советот за паричната поддршка на опожарениот Глобал

Делчевските опозиционери денес на прес конференција не ја оправдаа одлуката на делчевскиот Совет кој на последно одржаната седница одлучи да додели 60 илјади денари за поддршка на опожарените објекти во Трговскиот центар Глобал во Струмица. Според нив неразбирливо е сиромашна општина како Делчево да помага на далеку побогата општина, каква што во моментот според нив е Општина Струмица. Предлогот на опозиционерите е средствата да се доделат на Општинската организација на Црвен крст Делчево.

-Разбирливо е да е помогне на луѓе кои се во невоља, од таа причина во ред е што тоа е направено на таков начин, но не ја разбирам потребата Општина Делчево како сиромашна општина да помага на побогата општина како Струмица, затоа што знаеме дека во општина Делчево и општините ширум Источниот регион луѓе живеат во сиромаштија каде овие пари многу повеќе би го подобриле животот на луѓето кои немаат пари да преживеат. Од таа причина, апелирам до градоначалникот и Советот на Општина Делчево да донираат 60 илјади денари на Општинската организација на Црвен крст Делчево за да помогнат на луѓе на луѓе на кои навистина оваа помош им е потребна, истакнаа од делчевската опозиција.

Во врска со прес конференцијата на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Делчево со писмено соопштение излезе Претседателот на Советот, Драган Маневски кој го даде следното образложение:

Советот на Општина Делчево има донесено многу такви одлуки за помош, како на правни така и на фзиички лица, не само од Делчево туку и од други градови. Во одлуката нема ништо спорно и истата е изгласана со мнозинство гласови и е донесена со цел да се помогне во однос на штетите на опожарените објекти во Трговскиот центар Глобал,како и на самите сопственици на оштетените простории во објектот. Освен тоа одлуката е донесена и во другите општини и други Совети, така што не гледам ништо спорно во нејзиното донесување, стои во соопштението од претседателот на делчевскиот Совет, Драган Маневски.

Со одлуката, како што беше истакнато на првата седница одржана во 2021 година, Советот на Општина Делчево одобри сума од 60 илјади денари за здружението на граѓани „ОБНОВА ГЛОБАЛ“ Струмица, средства кои ќе бидат наменети за санирање на штетата настаната од неодамнешниот пожар кој го зафати објектот „Глобал“ Струмица.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*