Помалите здравствени домови се подготвуваат за најавената вакцинација

Помалите здравствени домови во државата меѓу кои и Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево се подготвуваат за најавената вакцинација за Ковид-19, која денес започна со вакцинацијата на здравствените работници во модуларната болница при Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје. 

Како што информираше Марија Глигоровска, директорка на Здравствениот дом „Гоце Делчев“, со вакцинација од Ковид-19, здравствените работници од Делчево со ќе бидат опфатени во подоцнежната фаза, бидејки во моментот установата не е опремена со потребните фрижидери за чување на Фајзер вакцините. 

-Ние сега за сега не сме вклучени во вакцинацијата од Ковид, бидејки првата доза е наменета само за здравствените работници во Скопје. За вакцината на Фајзер знаете дека треба да се чува на -70 степени, а ние не сме опремени со такви фрижидери, поради што лично  јас мислам дека нема потреба да се прави таква инвестиција. Знаете дека нашиот Министер за здравство склучи договор и за набавка на вакцини од Кина. Тоа се вакцини кои ние можеме да ги примиме кај нас, да ги депонираме и да ги аплицираме. Во однос на самата обука за апликација немаме проблеми, имаме персонал, можеме да помогнеме на други градови, имаме доволно обучени сестри, додека за чувањето на вакцините Фајзер, бидејки немаме услови да ги чуваме, засега немаме обука, истакна Глигоровска.

Директорката на делчевскиот здравствен дом смета дека по добивањето на првите вакцини, вакцинацијата за Ковид-19 би се одвивала без проблеми, имајки го предвид искуството од минатите години за вакцинација против сезонски грип.

-Од Министерството за здравство добивме налог, за протоколите за сите кои ќе се вакцинираат, почнувајки од здравствените работници, тука мислам на сите здравствени работници, од оние во Ковид Центарот кој работи со наш персонал, потоа матичните доктори. Сега засега, ние сите сме пријавени, но најверојатно од првата количина вакцини од Србија нема да добиеме, зошто двапати мора да се направи ревакцина и по бројот на вакцини кои се добија како за почеток, нема да бидеме во таа група. Најавено е до крајот на февруари да стигне кинеската вакцина, за која начинот на чување и апликација ни е познат. Подготвени сме, направивме план како ќе се аплицира вакцината, ќе работиме во две смени, имаме доволно доктори, имаме сестри и се ќе зависи какви насоки ќе добиеме. Ќе повторам имаме доволно специјалисти, кога ќе дојде време ќе работиме и втора смена, мислам дека добро ќе го направиме тоа, по теркот на вакцината на грип. Матичните лекари ќе ги закажат сите пациенти, ќе направиме ред за дистанца, така да вакцинирањето сметам дека ќе оди сигурно брзо, но ќе зависи и од населението колку ќе се вакцинира. Имаме информации дека луѓето бараат информации преку матичните и преку апликацијата за самата вакцинација, програмата ќе направи приоритет, но во секој случај не е проблем и нашите матични да ги закажат, за да можеме да направиме распоред, додава Глигоровска.

Во однос на вакцинирањето, граѓаните на Делчево со став дека вакцината е неопходна за надминување на состојбата со Ковид-19.

-Треба да се прими, ако е успешна во другите земји, треба да ја примиме. Има од повеќе земји, која е подобра со таа ќе се вакцинираме, истакна граѓанин на Делчево.

Директорката се осврна и на состојбата со Ковид-19 која според неа спласнува, иако како што додава јануари бил месец кога Делчево по бројот на позитивни случаи бил на рамниште на Битола.

-Ние за жал бевме во лоша состојба цел јануари. моја лична оценка и на колегите е дека собирањата за празниците пред и околу Нова година си го направија своето, поради што ситуацијата во одредени денови беше тешка. Во некои денови Делчево беше пред Битола по бројот на заболени. Ние сме мало место и имаме одлив на население по странство, така да беше жално и страшно да имаме многу пациенти иако повеќето беа лесни случаи, сепак неделно имавме по три-четири тешки случаи. За среќа деновиве бележиме намалување. Во понеделник имавме тројца и тоа ме радува, како да се подисплашивме малку или пак намалија забавите, поради што во секој случај имаме подобрување. Конкретно денес имам двајца полоши случаи, меѓутоа бројот на новозаболени се намалува, додава Глигоровска.

Во моментот во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево кој раководи и со здравствената станица во М.Каменица заврши реновирањето на внатрешните простории во установата, активност која се реализира по пауза од 30 години.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*