Волонтери од повеќе земји со активности во Делчево по повод Меѓународниот ден на рециклирањето

Здружението „Надеж Норе“, заедно со група волонтери од ЕУ, денес со чистење на отпадот покрај кејот на река Брегалница во Делчево го одбележа Меѓународниот ден на рециклирањето.

Целта на активностите, како што истакна координаторот Борче Димитровски е да се подигне свеста кај луѓето против загадувањето на животната средина.

-Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на рециклирањето, заедно со нашите волонтери, го собиреме и селектираме отпадот кој е расфрлан насекаде, како што тие тоа го прават во нивните земји, за да може да биде подоцна и рециклиран. Сето тоа го направивме на еден уникатен начин, креирајки еден вид уметност и забава. Го сортиравме расфрланото стакло, пластика и картон кој напролет и летово ќе биде искористен да биде поставен во нашите градини. Целта на денешната акција е да ја подигнеме свеста кај луѓето за климатските промени, глобалното затоплување, загадувањето на животната средина, кое е очевидно во нашето општество и регион и да ги подигнеме стандардните во руралните средини, истакна Димитровски.

Здружението „Надеж Норе“ овие активности ги реализира како дел од програмата на Европскиот солидарен корпус и истите ќе се спроведуваат во наредните 6 месеци со обезбедена финансиска поддршка од Еразмус.

За волонтерите кои беа дел од денешната акција, повеќе од задоволство е да се даде поддршка во насока на решавање на глобалниот проблем со загадувањето.

-Чест е да учествувам во ваквите проекти и програма која ја реализира здружението. Целата таа дејност и работите кои се вршат е дел од самиот глобален проблем кај луѓето, а ние, од отпадот кој не опкружува се обидовме да извлечеме малку и естетика, истакна волонтерот Џеј Дишлиев од Пловдив, Бугарија.

Волонтерката Деја Донева вели дека глетката во однос на расфрланиот отпад покрај кејот на река Брегалница не е за пофалба и притоа додаде дека слични се работите и во Бугарија, каде сепак според неа малку повеќе е развиена свеста во однос на рециклирање на отпадот.

-Мене многу ме боли кога гледам вакви работи, се чувствувам тажно. Порачувам луѓето да размислат пред да фрлат, бидејки има контејнери наоколу поставени за таа работа. Засега лошо е што не видовме одделни контејнери за посебно собирање на отпадот, за лека-полека луѓето се навикнат да го одвојуваат отпадот, додаде волонтерката Веселина Маџарова.

Во однос на глобалниот проблем со загадувањето, како што додаде волонтерот Нелсон Фреитас не е имуна и Португалија.

-Овде сум како дел од група од Франција, лично јас сум од Португалија каде во лето, еднаш неделно одиме на плажа каде поминуваме цело попладне собирајки ѓубре. Голем проблем е бидејки ѓубрето низ водата, преку морињата и океаните може да стигне секаде во светот. Ако јас фрлам ѓубре ќе стигне некаде на друго место што е лошо бидејки тоа ја труе нашата храна, ја загадува околината, затоа мислам дека приритет на луѓето треба да им биде свесноста за чистата животна средина, истакна Фреитас, кој нагласи дека како резултат на несовесноста на луѓето во моментот, островот од отпад кој плови низ морињата и океаните е трипати поголем од површината на Франција.

Иницијатива за  компостирање на органското ѓубриво е само една од идеите кои произлезе како резултат на денешната активност.

-Една од идеите која се јави во однос на нештата кои можат да се подобрат на ова поле е да се направат неколку компост места, каде органскиот отпад кој се исфрла, да можеме заедно да го собираме за природно органско ѓубриво, кое ќе се искористи за блиските паркови пред зградите или на порационален начин, додаде Димитровски.
За Денот на екологијата Димитровски ги покани граѓаните да им се придружат во акцијата за чистење на отпадот кај манастирскиот комплекс „Св.Богородица Балаклија“ која ќе се реализира на Денот на пролетта – 21 Март. 

-За недела 21 март 2021 година кој е ден на пролетта и екологијата, имавме на план да направиме акција за мапирање на дивите депонии на патот и патеката до планината Голак, но поради временските услови акцијата ќе биде одложена за наредните викенд денпови. Поради тоа акција за чистење ќе имаме кај манастирскиот комплекс „Св.Богородица Балаклија“, едно од поубавите извиднички места кое се соочува со слични проблеми со рафрлано ѓубре од луѓето, додаде Димитровски.

Од здружението „Надеж Норе“ се заблагодарија до комуналното претпријатие и фирмата Брегал која им обезбеди реквизити со цел денешната акција да биде успешна. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*