Делчевската библиотека „Илинден“ продолжува со збогатување на понудата за читателите. Од понеделник како што информираше директорката Билјана Петровска, освен дневните весници, библиотеката ќе набавува и неделни и месечни списанија од повеќе области кои ќе бидат на располагање на посетителите во градската читална.
-Од понеделник 22 март 2021 одлучивме да набавуваме неделни и месечни списанија кои опфаќаат различни области меѓу кои здравје, градинарство, автомобили, медицина, политика и слично. Сите наши сограѓани, кои сакаат да читаат списанија можат слободно да ја посетат читалната и да ги прочитаат списанијата од калибарот на Фокус, Моја градина, Калибар, Убавина и здравје, Арт кујна, Руски доктор и други кои ќе им бидат на располагање. За почеток ќе набавиме неколку списанија, а доколку има интерес ќе ги набавуваме редовно и ќе ги збогатуваме насловите, истакна Петровска.
Библиотеката како што додаде годишно набавува околу 900 броја дневни весници.

-Години на назад ЈЛБ „Илинден“ секој ден ги набавува дневните весници „Вечер“, „Нова Македонија“ и други весници кои нашите сограѓани можат да дојдат и да ги читаат во читалната. Од НУБ и МАНУ како подарок добиваме 30 наслови или библиотеката, годишно има околу 900 броја дневни весници, од еден наслов месечно околу 25 примероци.
Во меѓувреме деновиве во библиотеката заврши монтирањето нови полици за книги кои се сместени по должината на ходникот кој е и влез во библиотеката.
Leave a Reply