За Тодорова сабота и адетите во Пијанечко-малешевскиот крај

Пишува: Васил Маневски

Празникот што се слави во првата сабота од велигденскиот пост наречен Тодорова Сабота во Пијанечко – малешевскиот крај во минатото бил прославуван масовно и претставувал своевидна фолклорна смотра што се одржувала на пазариштето во Царево Село (Делчево).

Тој ден Царевоселци го славеле и како собор. Жителите од околните села и подалечните населени места на тој ден ги посетувале домовите на своите роднини и пријатели.

Гостите ги поздравувале домаќините со пригодни зборови и благослови за добро здравје, касмет и бериќет.

Вообичаена била фразата:

-Добар ден, да сте живи и здрави, полето да ви роди бериќет, во работата да имате касмет, Господ да ве чува од лошотија и да ви даде сермија.

Ако во семејството имало моми или ергени се пожелувало:

„Ајде да се ќердосате, на свадба да ви играме„ На младите брачни парови им пожелувале,: Ајде догодина Бог со челад да ве израдува.

Домаќините одговарале, исто така со пригодни благослови и желби:

„Се што поискахте на нас, Бог да ви даде и на вас“, потоа ги почестувале со слатко, погача , ракија и посни колачиња.

Во центарот на градот свиреле музички тајфи и поединци солисти со гајди, кеманиња, тапани а соборјаните играле ора. Тој ден бил ретка прилика за младите да се дружат, да се запознаваат моми со ергени, а некои и да се аресаат и да си ветат љубов и брак.

Според раскажувањата на мајка ми, таков бил примерот и со моите дедо Илија од Тработивиште и баба ми Деница од Драмче. Тие случајно на орото се сретнале и запознале и се договориле идната година пак на Тодорова сабота да се сретнат. Така и се случило. Цела година мислеле еден на друг и мечтаеле за средбата во Царево Село. Дедо ми и предложил на баба ми да појде бегалка. Таа по многу колебање прифатила да му биде невеста и пешки поттрчнувајќи заминале за Тработивиште.

Тодорова сабота е празник со долга традиција од времето на османлиите, српското и бугарското владеење во нашите краишта. Во времето на Југославија биле правени обиди од комунистичката власт прославата да се забрани и укине, но традицијата и обичаите биле појаки од политиката.Празнувањето, се разбира во видоизменета форма продолжило. Сум бил учесник и сведок кога делчевските еснафи на тој ден делеа греана ракија, вино, пиво, па дури и ќебапчиња за соборјаните.

Од објективни, но и од субјективни причини, прославата на Тодорова сабота последниве години е запоставена. Не само поради Короната!Денеска, при свеченото пуштање во употреба на новата бензинска пумпа на ОИЛ ДЕ, со неколкумина од присутните разговаравме на таа тема. Изразија желба традицијата да се продолжи и да се осмисли со пригодна програма. Се разбира во организацијата би биле вклучени Општината, Црквата, културните институции, стопанственици и ентузијасти. Токму затоа го пишувам и споделувам овој текст. До идната година има доволно време, само да имаме добра волја и добро здравје.

Довидување на ТОДОРОВА САБОТА ВО ДЕЛЧЕВО, идното 2022 Лето Господово!

Со почит, Васил Маневски

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*