Температурните разлики главен виновник за слабата појава на печурки во Малешевијата

Иако е една од најбараните печурки во рана пролет, годинава поради температурните разлики печурката смрчак во Малешевскиот регион се јавува поретко за разлика од пrеходните години. Софија Буровска, откупувач на печурки и шумски плодови од село Русиново, како причина за тоа ги наведува температурните разлики во утринските чaсови, поради кои како што вели таа, нема плодна почва за појава на овој вид на печурка.

-Иако е сезона на печурката „смрчак“, моментално временските услови се непогодни. Многу влијаат ниските температури кои го уништуваат мицелиумот. Смрчакот не ја конзумира секој, самата нејзина цена за откуп која е повисока од другите печурки, кажува дека оваа габа е специфична. Ја има на места по опожарување, но сезоната на смрчак претежно е од април до 10 мај 2021 година, вели Буровска.

Поради затоплувањето, деновиве како што додава, можна е повторна појава на овој вид на печурка.

-Влага има доволно, не е за влага, ќе видиме овие денови дали ќе има нешто. Сепак се зависи од самата природа, секако дека количински во тонови не може да има многу, но отприлика од 100 до 200 килограми дневно може да се собираат, додава Буровска.

Според беровскиот откупувач на печурки, за оваа дополнителна дејност постои голем интерес во Малешевијата.

-Ова со короната што се случи сите не погоди, затоа што нема цени. И покрај тоа луѓето се заинтересирани. Јас одам во цела Малешевија и гледам дека има заинтересираност од тие што сакаат да имаат плус приходи. Константно собираат луѓето печурки, почнувајки од напролет кога е сезона на ливадарка, па потоа на ѓурѓевка, лисичарката која се јавува во јуни, па наесен доаѓа есенски вргањ, како и рујница. Исто така собираат и специфичните печурки како „црна труба„  и „овча шепа“, боров вргањ, што значи дека има што да се работи, но природата ќе даде одговор што ќе се случува, додава Буровска.

Највисоката цена за смрчак која е забележана во Малешевијата достгинала 1500 денари за килограм, додека годинава цената се движи до 500 денари за килограм. Македонските печурки како што додава беровскиот откупувач својот пласман редовно го наоѓаат на западниот пазар, но поради коронавирусот и неработењето на рестораните во изминатата година откупот бил драстично намален за разлика од претходните години пред пандемијата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*