Одржан состанок на тема превенција од пожари на отворен простор во Делчево и М.Каменица

Во организација на Центарот за управување со кризи и Дирекција за заштита и спасување, во Делчево се одржа состанок со претставници на институции за превенција и заштита на пожари на отворен простор на подрачјето на Општина Делчево. Целта на состанокот беше проверка на подготвеноста на институциите одговорни за интервенции при појава на пожари, како и подобрување на соработката и комуникацијата помеѓу субјектите, со цел заеднички да се дејствува за превенција и заштита на шумите од пожари во претстојниот период на зголемена опасност од појава на пожари од отворен простор.

На состанокот беше извршен увид во состојбата по минатогодишните пожари во Делчево и Македонска Каменица и направен увид на Оперативните планови за заштита од пожари на Јавното претпријатие Национални шуми „Голак“, нивните оперативни и превентивни мерки за заштита на шумите од пожари и состојбата со силите на заштита и спасување на надлежните субјекти и нивната подготвеност за локализирање и гаснење на пожари на отворен простор.

Драган Балас, раководител на Регионалниот центар за управување со кризи по овластување истакна дека минатогодишниот пожар на планината Средна предизвика доста големи штети во Делчевско, за што пред присутните ги презентираше и податоците од направената анализа по пожарите.

-На минатогодишните пожари, согласно податоците на Јавното претпријатие „Македонски Шуми“, имаме вкупно опожарена површина од 2288 хектари шумска површина и опожарена дрвна маса од 230.987 метри кубни. Причинетата директна материјална штета на шумско земјиште изнесува 529.078.438 денари, односно тоа е само штета на шумска површина, а во тој пожар имаме изгорени и и одредени живеалишта, плевни и викендици, кои исто така беа пријавени од страна на населението, рече Балас.

По завршување на состанокот Балас напомена дека се донесени повеќе клучни заклучоци кои треба да ги преземат сите инстицуии, со цел намалување на штетите и последиците од пожари на отворен простор.

-МЗШВ преку информативни и едукативни разговори со населението и земјоделците кои поднесуваат документи за субвенции треба да работи на подигање на јавната свест за опасностите од палењето на стрништа и чистењето на нивите по пат на запалување. Јавното претпријатие „Национални Шуми“ согласно нивните планови да ги спроведе превентивните мерки кои се насочени во оперативниот план, односно да изврши прочистување на шумските патишта и правење на процепи, исто така да се изврши и набавка на материјално технички средства (возила и ресурси), со цел да се зголеми ефикасноста на шумското стопанство при појава на шумски пожари, додаде Балас.

Упатена е и препорака до Шумската полиција, Државниот земјоделски инспекторат, Гранична полиција и Полициска станица Делчево и останатите институции вклучени во превенција и заштита на шумите од пожар, почесто да вршат  патроли, со напомена главна теренска задача за зголемување на едукативните разговори со населението за казните кои се предвидени во законите за заштита и спасување, кривичниот законик и законот за земјоделство и шумарство. 

Во продолжение комплетниот извештај за денешниот настан:

              РЦУК – Делчево и ДЗС – ПО Делчево организираат координативен состанок со субјектите одговорни за превенција и заштита од појава на шумски пожари  на подрачјето на општините Делчево и М.Каменица.

              Целта на состанокот е проверка на подготвеноста на институциите одговорни за интервенција при појава на пожари, како и подобрување на соработката и комуникацијата помеѓу субјектите со цел заеднички да се дејствува за превенција и заштита на шумите од пожари во претстојниот период на зголемена опасност од појава на пожари на отворен простор

              На состанокот е извршен осврт на минатогодишната состојба со пожарите на отворен простор, извршен е увид на оперативните планови за заштита и спасување од пожари  на ЈП  Национални шуми – Голак Делчево и подготвеноста на  ТППЕ – Делчево и ТППЕ – М.Каменица за интервенција при појава на пожари на отворен простор, увид на состојба со силите за заштита и спасување од пожари на надлежните субјекти и нивна подготвеност за локализирање и гаснење на пожари на отворен простор, анализа на извршените подготовки и материјално-техничка опременост на надлежните субјекти за заштита на шумите и друг отворен простор од пожари како и други прашања од интерес на заштитата од пожари на отворен простор.

              Согласно податоците на РЦУК – Делчево, во 2021 година во општина Делчево се евидентирани вкупно 23 пожари од кои – 2 шумски пожари, 12 пожари на отворен простор (сува трева и стрништа) и 9 пожари на објекти,

              Во општина М.Каменица се евидентирани вкупно 6 пожари од кои 4 пожари на отворен простор (сува трева и стрништа) и 2 пожари на објекти.

              Од овие пожари најкарактеристичен е пожарот кој беше активен на подрачјето на општина Делчево на планината Средна во периодот од 02.08 – 10.08.2021 година, каде согласно податоците на ЈП Национални шуми Голак Делчево беше опожарена површина од 2.287,00 хектари,  230.987 м3  изгорена дрвна маса и вкупно причинета материјална штета на шумите во висина од 529.073.832,00 денари,

              По завршената  дискусија и дадените предлози беа донесени следните заклучоци:

  1. ЈП МШ ШС  “Голак” – Делчево
    1. Да достават барање до ЈП Македонски шуми за неопходноста од набавка на специјално возило за интервенција при појава на шумски пожари, како и за набавка на заштитна опрема за вработените за интервенција при појава на пожари.
    1. Да извршат прочистување на шумските патишта. Доколку не се во можност со сопствена механизација преку институциите да се ангажира механизација од приватни лица за расчистување на шумските патишта кои се во многу лоша состојба, посебно патот на границата со Р.Бугарија и шумските патишта на планината Голак.
    1. Да се изврши прочистување на предвидените просеците во Шумско стопанските единици согласно оперативните планови и програми.
    1. Во периодите на зголемена опасност од пожари дежурни лица да бидат во приправност во кругот на ЈП со цел секогаш да бидат достапни за интервенција.
    1. Доследно да ги спроведува сите превентивни мерки предвидени во својот Оперативен план за заштита на шумите од пожари.
  1. ЕЛС – Делчево и ЕЛС – М.Каменица
    1. Да извршат опремување на формираните просторни сили со заштитна опрема за интервенција при појава на пожари.
    1. Да ја зголемат соработката и координацијата со сите институции на локално ниво одговорни за превенција и справување со можна појава на пожари.
  1. МЗШВ – ПЕ Делчево
    1. При примање на документи за субвенции, да им се укажува на земјоделците за забраната за палењето на стрништа и чистење на нивите по пат на запалување и за висината на казните за предизвикување на пожари согласно одредбите од Законот за шуми.
    1. Да вршат запознавање на населението за мерката за субвенционирање на прореди во приватни шуми која ќе има позитивен ефект за намалување на опасноста од пожари.
    1. Наверемо да изврши информирање на јавноста доколку се воведе ограничување или забрана за движење во шумите.
  1. Државниот инспекторат за земјоделство во координација со Државниот инспекторат за шумарство и ловство, да превземат мерки за превенција од пожари предизвикани од палење на стрништа, како и засилени контроли на терен во претстојниот летен период.
  1. ПС ОН – Делчево, Граничната полиција и Шумската полиција да го интензивираат патролирањето и легитимирањето во шумските предели во претстојниот период.
  1.  РЦУК – Делчево и ДЗС – ПО Делчево да ја следат состојбата и да бидат во постојана комуникација со сите субјекти одговорни за превенција и справување при можна појава на пожари на отворен простор.
  1. Сите субјекти (ШС “Голак“ Делчево, ЕЛС -Делчево и М.Каменица, РЦУК-Делчево, ДЗС-Делчево, РЦ-Исток Делчево, ПС -Делчево и М.Каменица, Шумската полиција, Шумска инспекција, Земјоделска инспекција) во рамките на своите законски овластувања да ги спроведуваат и применуваат сите законски мерки за заштита на шумите од пожари.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*