ЈЛБ ,,Илинден” со низа активности по повод Денот на шегата и Денот на детската литература

Денес во читалната на ЈЛБ „Илинден“ – Делчево, на едно место, со многу насмевки, радост, детски џагор, маски, шеги, сликовници и шарени книги, беа одбележани, Први април – денот на шегата и Втори април светскиот ден на литературата за деца.

-Дечињата од второ одделение при ООУ „Ванчо Прке“, маскирани по повод денот на шегата ја посетија библиотеката. А во неа, по повод светскиот ден на литературата за деца, тие имаа можност да разгледаат со каква литература за деца располага библиотеката, информираше директорката Биљана Петровска.

Многу сликовници, во различни форми и големини, боенки и многу книги со шарени и весели страници им беа на располагање на дечињата.

За 2 април директорката додаде дека не случајно е избран за датум на литературата за деца, бидејки на тој ден е роден светски познатиот дански книжевник и писател на бајки Ханс Кристијан Андерсен.

-Тој е автор на бајките: „Царевото ново руво“, „Оловниот војник“, „Малата сирена“, „Снежната кралица“, „Принцезата на зрно грашок“, „Девојчето со кибритчињата“ и „Палешка“. Сите тие во себе носат универзални пораки, што се раскажуваат и се паметат со генерации. Неговите приказни се читливи, разбирливи и со децении наназад лесно ги пленат децата, но и возрасните, додаде Петровска.

Во рамки на посетата учениците како наставна содржина имаа „Медиумска култура“, па посетата на библиотеката, беше и дел и од реализацијата на оваа наставна содржина.

Од ЈЛБ ,,Илинден” им се заблагодарија на дечињата и на нивните наставнички за позитивната енергија, убавата атмосфера, оптимизмот и радоста што ја ,,донесоа” во библиотеката.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*