Берово домаќин на првиот од серијата Регионални настани во пресрет на Светскиот ден на Ромите

Во Берово се одржа првиот од серијата Регионални настани во пресрет на одбележувањето на Светскиот ден на Ромите – 8 Април. Настанот е во организација на 4 партнер општини, Битола Прилеп, Делчево и градот домаќин, а целта како што истакна Мерсиха Усаин, од Институтот за истражување и анализа на политиките – Ромалитико,  е да се подигне свеста околу традицијата и културата на ромската заедница во насока на намалување на јазот на дискриминација помеѓу ромската и неромската заедница.

-Денес учествуваа и претставници од акциската група на заедницата која е главен таргет на целата Ромактед програма, која како цел има да ги зајакне капацитетите на општината во однос на ромското прашање, поставување на приоритети и мерки за подобрување на нивната положба. Од друга страна целта е ромската акциска група да земе поактивно учество во процесот на планирање, следење и иницирање на мерки и активности кои се однесуваат на нив, со цел да се обезбеди подобра положба на ромската заедница на локално ниво, истакна Усаин.

Намалувањето на процентот на ромско население согласно бројките од последниот попис како што посочи, нема да влијаат на спроведување на активностите за подобрување на положбата на ромската заедница.

-Факт е дека не е реална бројката и ние како институт деновиве во нашите настапи тоа ќе го докажуваме. Тоа што мора да продолжиме да го правиме е да продолжиме да се фокусираме на тоа што веќе го имаме и на некој начин со сите активности што ќе ги преземеме, да обезбедиме за таа бројка што е утврдена да има подобар живот во делот на домување, образование, здравство и вработување, додаде Усаин.

Пред започнување на свечената церемонија, во општинската зграда, заедно со преставници од Ромалитико, Ромактед и од ромската заедница градоначалникот Звонко Пекевски го постави ромското знаме, а преку видео врска свои обраќања имаа Министерката за труд и социјална политика и градоначалниците на Делчево, Прилеп и Битола.

Честитајки им го денот на ромите, Пекевски се осврна на локалните проекти и инвестиции на кои работи Општина Берово.

-Како локална власт, секогаш се вклучуваме  во надминувањето на проблемите и предрасудите со кои се соочуваат граѓаните од ромската заедница. Упатив благодарност до сите вклучени во имплементацијата на проекти за подобрување на животот на жителите Роми, за можноста која и се нуди на општина Берово за подобрување и унапредување на состојбите. Продолжуваме и понатаму зеднички и сплотени напред,  кон постигнување на нашите цели за инклузивно општество, во кое секој од нас има безбеден дом,  мирен и достоинствен живот, рече Пекевски.

Во рамките на настанот се одржа и панел дискусија, на тема „Политики и мерки за образование за децата Роми на локално ниво”, а свој настап имаа и децата од детската градинка и училиштата во Берово, при што на најдобрите ученици Роми од основното и средното образование, им беа доделени парични награди.

Во текот на следната недела ќе се реализираат уште 4 вакви настани на регионално ниво, а централниот настан ќе се одржи на 7 април во Струмица, со учество на претставници од сите општини со претставници со централната акциска група во сите 15 партнер општини.

Изјави и видео од од настанот:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*