Со засадување дрвца на ГП ,,Делчево” одбележан јубилејот на Царинската управа на Македонија

По повод 30 годишниот јубилеј на Царинската управа на Република Северна Македонија, во организација на Царинарница Штип – Царинска испостава Делчево, денес на Граничниот премин ,,Делчево” се организираше акција за засадување дрвја. Во акцијата во која беше засадена симболична бројка од 30 садници, како што информираше Иван Спасовски, управник на Царинарница Штип, покрај вработени во царината се вклучија и припадници на Граничната полиција на РСМ, припадници на Граничната полиција и Царинската служба на Република Бугарија и претставници од локалната самоуправа и ТППЕ Делчево.

-Царинската управа секоја година организира разни манифестации. По повод јубилејот во сите царинарници се организираат вакви акции. Покрај засадување на дрвја ќе имаме и крводарителска акција, акциите се во тек, а во Царинарница Штип истата ќе се реализира во четврток заедно со здравствените работници. Ја користам приликата на сите вработени да им го честитам денот со желби за добро здравје и понатамошни успеси во работата, рече Спасовски.

Честитки по повод јубилејот упати и делчевскиот градоначалник Горан Трајковски кој даде свој придонес во акцијата за засадување дрвја.

-Во пресрет на одбележувањето на Денот на македонската царина, 14 Април, испраќам честитки по повод празникот, а воедно би истакнал дека улогата на Царинската испостава на Граничниот премин Делчево, за нас Делчевци и за развојот на економијата на самиот град, како погранично место, е круцијално. Граничниот премин е отворена врата за влез и за излез од државата, што подразбира, брз, но и безбеден проток на стоки, слободен и контролиран премин на граѓани, што недвосмислено го прави нашиот град интересна транзитна точка, но е од големо значење и за фирмите од Делчево и, воопшто, од регионот, нагласи Трајковски.

Румен Коцев од Царинската управа на Република Бугарија додаде дека колегите од двете страни на границата имаат идлична соработка.

-Добро работиме и соработуваме со колегите од Македонија. Си помагаме по сите можни ,,линии” и се надевам дека се повеќе и повеќе ќе се развиваат односите во подобра смисла. Ви посакувам што поскоро да влезете во ЕУ и им посакувам на колегите плодна работа и да бидат живи и здрави, истакна Коцев.

По осамостувањето, Собранието на 14 април 1992 година го усвои Царинскиот закон со кој е основана Царинската управа на Македонија кој секоја година се прославува како Ден на царината.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*