Во тек е изградба и поврзување на дистрибутивна водоводна мрежа на селата Габрово и Ѕвегор

Во рамките на големиот проект „Водоснабдување на Делчево“, во тек е изградба и поврзување на дистрибутивна водоводна мрежа на селата Габрово и Ѕвегор. За итврдување на текот на градежните работи денес се одржа работен состанок на кој градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски пред програмскиот менаџер на СЕКО-Швајцарија, Франсоа Саламе- Гуекс, Станислава Конева, национален програмски советник, директорот на ЈКП ,,Брегалница” Стојче Стојковски и други претставници на СЕКО информираше за тековните административни процедури нагласувајќи дека обврските преземени од Општина Делчево за проектот се реализираат тековно и навремено.

-На состанокот разговаравме за самата реализација на проектот „Водоснабдување на Делчево“ кој е финансиран од Швајцарската Конфедерација. Ги информирав присутните дека по обезбедување на соодветните дозволи од ресорните министерства, се очекува да започнат градежните работи за изградба на пречистителната станица. Исто така предвидена е и изградбата на фотоволтаичната централа и другите планирани објекти со цел Делчево да добие современ систем за водоснабдување, рече Трајковски.

Согласно техничката документација, заедно со изградбата на новата филтер-станица ќе се гради и фотоволтаична централа и оперативна зграда со лабораторија на локација на местото на денешната пречистителна станица. Станицата според планираното ќе биде со две линии и капацитет од 60 литри во секунда, додека фотоволтаичната централа ќе биде со номинален капацитет од 250 кw, со што се предвидува делумно покривање на потребите за електрична енергија за бунарите и станицата. 

-Исто така, се предвидува рехабилитација на главната доводна цевка од браната Лошана до станицата во с. Тработивиште, рехабилитација на главната водоводна цевка од с. Тработивиште до Делчево и рехабилитација на бунарите во Делчево и с. Тработивиште, како и рехабилитација на резервоарот за вода во близина на с. Ѕвегор, додаде Трајковски. 

Проектот „Водоснабдување на Делчево“ се реализира со донација од Швајцарската Конфедерација во висина од 6 милиони швајцарски франци, приближно 1,3 милиони швајцарски франци се домашна контрибуција на Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Делчево

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*