Тајните кои ги крие црквичката „Св.Јован Крстител“ кај делчевското село Очипала

На само 2,3 километри од патот кога поаѓате од Делчево кон Македонска Каменица, ако го свртите погледот кон десно, ќе видите исправен Божји храм, кој ретко кој ќе го забележи над патот. Сепак доколку решите да го посетите ќе забележите, дека не само што манастирот не е на работ на патот, туку како приоѓате до него просторот се повеќе се раширува.

На денот кога се слави празникот меѓу народот познат како летен „Иванден“ и е посветен на раѓањето на „Св.Јован Крстител“, на ова место го затекнавме делчевецот Ванчо Симовски на чија иницијатива пред неколку години започнал да се гради манастирот. Самиот реши да ни раскаже нешто повеќе и за него, но и за целото опкружување од каде градот Делчево се гледа како на дланка.

-Значи овој денешен ден е посветен на раѓањето на „Св.Јован Крстител“ и за тоа поради коронавирусот ги одложивме сите ангажмани со присуство на поголем број на гости. Ручекот го правиме само во кругот на семејството. Она што е интересно за ова место е најпрвин овој камен кој тука го гледате, овој камен го најдовме тука покрај местото и по преданија потекнува од 13 век. Самите христијани се имаат миросано, можеби и крштевано тука дечиња. Самата вода е многу лековита, по книгите и документи самото место се вика Света Вода. Манастирот почнав да го градам пред 5,6 години, ако е здравје догодина околу 90,95 проценти да биде готов, вели Симовски.

Манастирот започнал да го гради откако сонил сон. Знаел точно каде треба да го гради, бидејки и пред многу години, како што му се прикажало во сонот на тоа место постоел голем локалитет со изграден манастир.

-Тука во близина на самото место, по преданијата имало многу голем локлалитет и манастир оддамнина. По соништа ми се сони уште пред 20 години да направам манастир. Секоја година по традиција си доаѓаат роднини, пријатели, имаме направено клупички како за гости, догодина здравје Боже, кој сака нека повели ќе има ручек за здравје и се ќе биде во ред. Но не само за празникот, овде имаме убава чешма изградено, вода има секогаш, кој сака нека повели за убаво, за здравје, нека чини адет кога сака, ги покани верниците Симовски.

Освен приказната за манастирот и стариот локалитет, местото бо близина крие и останати тајни, кои како што додава делчевецот малку им се познати на луѓето. Над манастирот постои масив од карпи кои според Симовски се користеле за изработка на воденичарски камења.

-Според она што го знам за време на Римското царство, овде имало рудник за камења, камењата се за рачни воденици, а од овде се пласирани низ целиот крај. Има и големи камења за воденици на вода, значи самиот камен е извртен и еве како изгледа и вториот дел. Над целиот масив има огромна дупка, таму си стојат извртени како воденица на карпите. Интересно е и тоа што има и топен камен и печени карпи, зошто е тоа така никој не знае, најверојатно е историја која треба да се открие, додава Симовски.

Околината на месноста Света Вода, како што додаде Ванчо, е доста плодна. Во близина се наоѓа и неговиот имот, на кој како што вели нема овоштарска култура која не ја засадил.

-Голем љубител сум на јагоди, веќе 20 години ги одгледувам. Најубавите сорти ги има кај мене. Еколошки чисто нема ништо прскано, а за да пораснат вакви какви што ги гледате на фотографијата им треба сонце и вода. Од овошки можам да кажам дека се што постои од овошје имам посадено. Имам од крушите кои ги викаат „бегрем“ и за кои велат не раѓаат, но еве кај мене се доказ дека кога се одгледуваат со љубов, ќе имаат род. Имама и „џанки“ наречени присатки, јаболки петровки, рибизли, одгледувам грозје и сливи, така што „нема што нема“ овде. Се е еколошки чисто без никакви ѓубрива. За јагодите наоѓам пласман преку интернет, луѓето знаат дека се органкси произведени и ги купуваат, додава Симовски.

За месноста Света Вода над селото Очипала како што додаде Симовски има уште многу што да се зборува. Од неговиот имот си заминавме со желба догодина празникот да помине во најдобар ред и да го слават во поголем број според христијанските обичаи.

Тој остана со семејството да го благословат ручекот и да го одбележат раѓањето на „Св.Јован Крстител“ и ги покани сите гости намерници да го посетат ова место, да наполнат вода од блиската чешма и докололку се во можност да донираат за храмот кој останува исправен гордо да стои и да ги примамува патниците кон ова место кое допрва треба да се истражи. 

https://www.facebook.com/delcevo365.mk/videos/321378695559645/

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*