Се одржа 27-тото издание на Голачките фолклорни средби

Синоќа во Делчево се одржа 27-то издание на манифестацијата Голачки фолклорни средби 2022. Манифестацијата која е во организација на Националната установа центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево се одржа со поддршка на Министерството за култура и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој истакна дека е чест да се биде покровител на манифестацијата, со која Делчево секоја година испишува нова страница на културата и традицијата.

-Во чест на традицијата и годинава го одржуваме фестивалот во Делчево, иако со години се одржува во неговата природна средина, таму каде што се родил и опстојувал 25 години, покрај манастирот „Св.Пантелејмон, кај врвот Чавка на планината Голак. Причините се очигледни и превентивни, мора да бидеме внимателни со шумите, тие се нашите бели дробови и мерките кои се преземаат се во насока на заштита од пожари. Не смееме да дозволиме и најмало невнимание да ни ја пеплоса шумата, рече Трајковски.

Во рамки на Меѓународниот фолклорен фестивал се одржа дефиле, по што на летната сцена во градскиот парк во Делчево настапија 9 групи од земјава и странство кои од страна на организаторите по завршувањето на фестивалот добија благодарници.

-Културно-уметничкото друштво „Вера Јоциќ“, учествуваше по 27 пат на оваа манифестација. Овој пат се претставивме со кореографијата „Истребување на чумата“.Се надеваме дека од следаната година повторно ќе можеме ние, но и другите групи, да се претстават на сцената на преубавиот Голак, рече Мартин Стаменковски, кореограф на младите играорци од М.Каменица.
За граѓаните најважно е што традицијата на Голачките фолклорни средби продолжи и годинава.

-Супер е многу убаво и весело што е најважно. Манифестација која како и секоја година се одржува во прсрет на убав празник, нека е за многу години денешниот ден, истакна посетителот Радован Пешовски.

Манифестацијата Голачки фолклорни средби традиционално секоја година се одржува на планината Голак, каде ноќта на 8 спроти 9 август,  стотици граѓани под шатори преспиваа на планината во чест на Св, Пантелејмон чиј манастир се наоѓа во близина на врвот Чавка.

1

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*