Привршува уредувањето на црквата Св.Великомаченик Димитриј во делчевското село Габрово

Привршува уредувањето на црквата Св.Великомаченик Димитриј во делчевското село Габрово. Откако со поддршка на иселениците црквата целосно беше изградена, како што информираше иселеникот Зора Димитровска во наредниот период ќе се доуреди преостанатиот дел од дворното место, каде верниците се собираат за време на празникот Митровден.

-Црквата е завршена, крштелното е завршено, дворот половина е среден, останува уште да ја направиме помошната зграда, значи при крај сме со работите.  Со парите од посетителите кои влегуваат во црквата, со помош од нас иселениците ја опремуваме и црковната просторија на селските гробишта, вели Димитровска.

За одбележувањето на денешниот празник Митровден црковниот одбор има подготвено заеднички ручек кој ќе биде проследен со општо-народна веселба.

-На сите христијани и овде и ширум светот им го честитаме празникот кој е соборен ден во село Габрово. Имаме 17 јагниња спремни за денешниот ручек кој ќе се служи во дворот на црквата. Имаме многу луѓе кои ни помагаат, така што ги покануваме сите да присуствуваат на заедничкиот ручек, додаде Димитровска.

Освен во црквата Св.Великомаченик Димитриј, црковен ручек за празникот Митровден ќе се служи во неколку делчевски села.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*