Во Делчево се одржа литературно-поетската манифестација „Вапцарови бранувања

Во Делчево се одржа литературно-поетската манифестација „Вапцарови бранувања“, во чии рамки беа доделени наградите од литературниот конкурс на тема „Вапцаров, поет со револуционерни идеи“. Вапцарови бранувања како што истакна Љупчо Петровски, в.д директорот на НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево е проект на установата кој е финансиран од Министерството за култура и има за цел да прерасне во препознатлив бренд не само во Делчево, туку и во целата држава.

-Успеваме овие Вапцарови бранувања од година во година постепено да ги подигаме на повисоко ниво, со учество на познати македонски писатели и поети. Мило ми е што ланската година на Вапцарови бранувања победник беше учесник од Струмица, оваа година победникот за ученици ни доаѓа од Пехчево. Значи овие Вапцарови бранувања се достапни за сите. На конкурсот имавме учесници од Скопје, Прилеп, Струмица, Пехчево, Берово и други градови, што значи дека оваа манифестација се раширува во регионални, но и во републички рамки. Се надевам дека ден ден ќе ја воздигнеме уште повисоко и ќе биде бренд не само на Делчево туку и пошироко, рече Петровски.

Специјален гостин на настанот беше поетесата Габриела Костадинова, која е добитник на голем број награди од областа на поезијата, а пред присутните се претстави со дел од својот поетски опус.

Влатко Ситновски, третонаграден на конкурсот за возрасни, кажа дека твори подолг период, а Вапцаров за него е посебна инспирација кога е поезијата во прашање

-Вапцаров е една од моите музи во поезијата, затоа што покрај тоа што пишувал за Македонија, во неговите песни Родина и Земја, пишува и за обичниот човек, за љубовта кон неговата сопруга, но и маката на обичниот човек. Токму неговата песна Фабрика ја искористив за моето учество на овој конкурс. Благодарност до установата за организацијата на овој настан, убаво е што преку негова организација се дава можност и простор на младите поети да творат, рече Ситновски.

Наградените на литературниот конкурс,,Вапцарови бранувања 2022год” се:

I место – Бранкица Јовевска VII одд ОУМБ,,Кочо Рацин” – Пехчево

II место – Михаела Начовска IX² одд ООУ,, Св. Климент Охридски ” Делчево

II место – Антонела Николовска IX² одд ООУ,,Ванчо Прке ” Делчево

III место – Анастасија Пупановска VI ⁴ одд ООУ ,, Никола Вапцаров ” Струмица

Во конкуренцијата на возрасни учесници се :

I место – Сандра Марковска СОУ,,Методи Митевски Брицо ” Делчево

II место – Ева Ивановска СОУ,, Методи Митевски Брицо” Делчево

III место Влатко Ситновски – Писател од Македонска Каменица

Честитки за сите учесници и наградени.

Завршната манифестација се одржa во Мултифункционалниот центар во Спомен дом,, АСНОМ ” во Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*