
Во организација на Дом на култура „Јане Сандански“, вечерва во Пехчево се одржа традиционалниот Новогодишен концерт. Во рамки на настанот со свои кореографии се претставија играорците од фолклорната група која настапува при Домот на култура „Јане Сандански“ и музичката група „Малешевска Китка“.
Директорката на Домот на култура Валентина Веселинска истакна дека концертот е дел од завршните програмски активности на установата, во чии рамки играорците се претставија со карактеристични кореографии препознатливи за градот Пехчево.

-Играорците претставија фолклор негуван со традиција, со култура, покажувајки дека знаат, умеат и можат да се претстават како врвни уметници пред публиката од нашиот град. По самата посетеност и аплаузот ние сме презадоволни од концертот, се надеваме дека оваа култура и традиција со нашите играорци ќе може да ја продолжиме, секако во соработка со нашите соработници, од Општина Пехчево, Советот, Никола Каракашев кој ни излезе во пресрет, професорот Александар Парасков и сите оние кои не ги поздравив, благодарам на сите, рече Веселинска.

Градоначалникот на Општината, Александар Китански кој присуствуваше на концертот, потенцираше дека преку ваквите настани културата и традицијата ќе продолжат да се негуваат и во иднина.

-Убава атмосфера, посетеност секако голема, поздрав до сите вклучени во реализацијата на овој настан. Голема благодарност и до пензионерската група „Малешевска Китка“ која го разубави овој настан. Се надевам дека догодина ќе имаме уште поубави настани, а приликата ја користам на граѓаните да им ја честитам Новата 2023 година со желби за добро здравје, многу среќа и успех во неа, рече Китански.

Концертот заврши со доделување на подароци за сите играорци кои од Дедо Мраз добија новогодишни пакетчиња.
Новогодишен концерт на Дом на култура ,,Јане Сандански” Пехчево – YouTube
Leave a Reply