Климатските промени негативно се одразија на пчеларството во Пијанец

Пчеларството во регионот на Пијанец во последните неколку години се наоѓа во многу лоша состојба. Чист мед како што вели Славе Никовски, еден од првите пчелари во делчевско нема „ниту за лек“, најмногу поради слабата „паша“ и климатските промени.

-Ние овде во делчевскиот крај сме во едно подрачје кое е во „мртвило“, тревите се променија, кај нас багремот на 600 метри надморска височина „меди“ над таа височина не „меди“. Значи имаме оскудна паша, што за пчеларството не е добро. Јас како човек кој долги години се занимава со пчеларство имам доста искуство но и тоа не помага веќе ништо.  Мед нема ни 10 проценти од претходните години, има само онаму пчелите се прехрануваат секоја вечер старински наречено со порција „шербет“, вели Никовски.

Иако одгледува пчели околу 45 години, последната година, како што додава делчевскиот пчелар е најслаба кога е во прашање неговото лично производство на мед.

-Искрено мене ме фаќа страв за тоа што се случува. Располагам со голем број на пчелни семејства, над 45 години се занимавам со оваа гранка, имама на три места пчели, но на сите тие места е иста состојбата. Ако нешто дојде до промена на метеоролшките услови, во тоа го гледам спасот. Јас произведував по 7 тони мед, таа бројка се намалувала и до 1 тон, а сега само последната година имам 80 килограми мед. Можеби на некои места има повеќе мед, но тоа е онаму каде повеќе семејства се поврзани и го прават збирниот број. Апел на крај оставам природата да диктира за добар чист мед, додава делчевскиот пчелар.

Во насока на подобрување на состојбата, здружението „Меден Исток“ пред делчевските пчелари презентираше нови практики во пчеларството, на кој предавач беше претседателот на здружението Ванчо Кировски.

-Јас мав можност да го кажам мојот поглед кон пчеларството и мојот начин на пчеларење и да ја споделам таа работа. Иницијативата е на еден од членовите на здружението, кој ги препозна овие практики и изрази желба да ги презентирам пред пчеларите. Од самите пчелари зависи дали ќе ги прифатат овие совети, наше беше да упатиме на она што е корисно за да состојбата биде подобрена, рече Кировски.

На крај од работилницата, присутните добија Прирачник за одржливо производство на мед и други пчелни производи издадено од здружението „Меден Исток“

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*