Привршуваат активностите на Програмата за зачувување на природата, министерката Шукова во посета на Негрево

Министерката за животна средина и просторно планирање,  Каја Шукова и членовите на Управниот одбор на Програмата за зачувување на природата во Македонија денес го посетија Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево, Пехчево.

На средбата со градоначалникот Александар Китански беше претставен туристичкиот пакет со нови туристички содржини како интегрална туристичка понуда во која е вклучен и Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево.

Во рамки на настанот во дворот на Едукативниот центар беа засадени автохтони овошни сорти, кои според тим лидерот на Програмата за зачувување на природата, Маријана Шушлевска ќе дадат свој белег во реализацијата на оваа Програма, која како проект финансиран од Швајцарската Влада веќе 12 години се реализира во Брегалничкиот регион. 

-Фармахем е координаторот на оваа програма и согласно правилата на донаторот минимум двапати годишно се состануваат членовите на Управниот одбор. Идејата за денес е бидејки се наоѓаме во последна година од реализација на оваа значајна програма, не само за овој регион но и за државата, да се засади по една автохтона стара сорта на овошка во дворот на Едукативниот центар. Се надеваме дека сите садници ќе бидат успешни и ќе остават траен белег на тоа што една програма во еден подолг период го дала како придонес за залувување на природните вредности на овој убав регион, кој токму заради своите природни вредности минатата година беше прогласено и за заштитено подрачје, заштитен предел Малешево тоа е петта категорија на заштита во заштитените подрачја, истакна Шушлевска.

Во рамки на актовностите како што додаде се одржа и петтиот состанок на Управниот одбор, претседаван на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и членовите од ова министерство – сектор природа, членови од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и членови од Источно-планскиот регион како партнер за цело времетраење на програмата.

На средбата со министерката Шукова градоначалникот на Пехчево, Александар Китански и Раководителката на Едукативниот центар за зачувување на природата, Маре Параскова, ја образложија работата на центарот, активностите кои се спроведуваат во текот на целата година.

-Како дел од креирањето на новата туристичка понуда, Едукативниот центар има набавено 10 шатори за кампување и камп светилки за поефикасно изведување на кампувањето од страна на туристите и извидничките одреди кои го посетуваат центарот, рече Параскова.

На средбата се разговараше и за воспоставување на поголема соработка на Едукативниот центар со Министерството за животна средина и просторно планирање и реализирање и поддршка на заеднички активности во насока на зачувување на природата и биодиверзитетот во источниот регион.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*