Во Делчево денеска се славеше ромската култура и традиција

Во Делчево денеска се славеше ромската култура и традиција во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите. Во рамки на настанот беа доделени традиционалните награди на најдобрите ученици Роми од Делчево, а беа презентирани и инфраструктурните проектите кои се реализираат со поддршка на Општина Делчево и Владата за имплементација на Стратегијата и Декадата на Ромите.

Во своето обраќање, градоначалникот Горан Трајковски, истакна дека во моментов се активни инфраструктурни проекти во висина од 9 милиони денари во населбите каде претежно живеат Роми и потенцираше дека овие и сите други проекти кои се реализираат во Делчево имаат свој заеднички именител- сите  влијаат врз квалитетот на животот на сите граѓани, а со тоа и на Ромите, како заедница која со векови живее во Старо Делчево.

-Општеството создава можности, Општината подава рака на секој поединец, а мојата порака, како градоначалник, е Ромите да излезат од стереотипите и предрасудите, социјалната помош да не ја сфаќаат како наследно право, туку моментална состојба од која треба да излезат посилни и поамбициозно да се борат за егзистенцијалните и другите права и, клучно, образованието, доквалификацијата и обуката, да бидат основен атрибут за индивидуален напредок и развој и основна алатка во борбата за подобро утре. Бидејќи денес во едно демократско општество е сè возможно со сопствен труд и залагање, посочи Трајковски кој ги додели традиционалните парични награди на најдобрите ученици Роми во трите образовни институции во Делчево.

За најдобра ученичка Ромка годинава е прогласена средбошколката Елиса Мемедова, ученичка во 4 година стручно образование при СОУ ,,М.М.Брицо” која доби парична награда од 10.000 денари, додека најдобрите ученици Роми во двете делчевски основни училишта ,,Ванчо Прке” и ,,Св.Климент Охридски” Хасна Мемедова и Ајан Демироски добија по 5.000 денари.

Во рамки на настанот на тема „Времеплов на ромската носија“ беше отворена ексклузивна изложба, подготвена од Здружението „Тернипе-МК“ во која беа поместени петнаесет ромски носии со накит, колани и други додатни елементи. 

-Ромската носија во 60 – тите години на минатиот век се изработувала претежно од памук, а потоа почнала да се употребува и свила, крепсатен и  синтетитика. Ромските носии се важен сегмент од материјалната култура на Ромите и преставуваат значајно културно наследство, а на изложбата се поделени во три дела: носии од секојдневна употреба, празнична носија и свадбарска носија. Пред присутните беше презентирана и ромска трпеза на која беа изложени традиционални ромски јадења подготвени од 10 вешти домаќинки Ромки, истакнаа од  ромската организација „Тернипе-МК“ кои имаа свој рецитал под наслов „За Ромите-постоење низ вековите“, а во културно-забавниот дел свој настап имаа ученици од Подрачното училиште во село Тработивиште и ученици од деветолетката ,,Ванчо Прке“.

Настаните по повод Меѓународниот ден на Ромите продолжуваат со организирана дебата од страна на Општина Делчево и НВО КХАМ Делчево, како локална канцеларија на Младински образовен форум (МОФ) на тема „Овој дом верува дека Ромите во Македонија не се дискриминирани“. Дебатата ќе се одржи на 07.04.2023 во Конгресната сала во СОУ „М.М.Брицо“ со почеток во 13:00 часот

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*