Одржана трибината „Зошто жените молчат за семејното насилство“

Во пресрет на меѓународната кампања „16 дена активизам во борба против насилство врз жени и девојки“, во Делчево се одржа трибина на тема „Зошто жените молчат за семејното насилство“.

Настанот е во организација на Организацијата ,,Жена” Делчево, а на истиот свое излагање имаа претставници на Комисијата за еднакви можности , Општина Делчево,  претставници од ЈУ Центар за социјални работи Делчево, ОВР Делчево  како и други стручни лица кои работат на проектот за Бесплатна правна помош.

-Се работи за трибина која се организира во пресрет на кампањата за ,,16 дена активизам во борба против насилство врз жени и девојки”. Сакаме да дадеме значителен придонес кон актуелизирање на прашањето, зошто жените молчат и зошто жените не го пријавуваат насилството кај релевантните институции, конкретно во Центарот за социјални работи и Министеството за внатрешни работи, истакна Анита Цоневска, претседател на Организацијата ,,Жена”.

Со реализација на вакви трибини, како што истакна Даниела Такева од Комисијата за еднакви можности при Општина Делчево, ова тело во партнерство со Невладината организација ,,Жена”, сака да даде свој придонес во борбата против семејното насилство.

-Темата е доста провокативна, а прашањето доста едноставно ,,Зошто жените молчат за семејно насилство”, но дали одговорите на тоа прашање се толку едноставни. Токму затоа сакаме да ја отвориме оваа дебата од која ќе произлезат заклучоци и мислења, со цел конечно да имаме подобра меѓу институционална соработка на оваа проблематика. Целта е да ги превенираме овие појави и веќе во Делчево да не зборуваме за семејно насилство, рече Такева.

Во 2023 година, како што беше кажано на трибината, во Делчево пријавени се 5 случаи на семејно насилство, додека во 2022 година таа бројка изнесувала 7 пријавени случаи.

-Како најчеста причина се јавува алкохолизмот. Она што може да го кажеме во таа насока е дека обично дел од жртвите со самото доаѓање и покрај нашето охрабрување го чекаат крајниот момент да пријават семејно насилство. Објаснувањата се, не дека жртвите немаат доверба во институции, туку станбено материјалните можности и прашањето, што ќе се случи и каде ќе се врати жртвата по семејното насилство, истакна психологот во ЈУЦСР Делчево, Ирена Ангеловски.

Од сите пријавени случаи од 2020 до 2023 година, во 99 проценти од пријавените случаи на семејно насилство жртвите се жени, без притоа да има пријавено семејно насилство врз деца. 

-Во најголем дел семејното насилство се манифестира преку физичко насилство и 90 проценти од предлозите до Обвинителството се задолжително лекување од алкохолизам. Кога имаме потешки телесни повреди, укажуваме дека веднаш треба да се изречат мерки, за да се заштитат самите жртви. По законот судот е должен веднаш да постапи, а најдоцна во рок од 7 дена кога се работи за насилство без тешки телесни повреди, истакна Благој Стоименовски, директор на Центарот за социјални работи. 

Едно од решенијата за справување со семејно насилство како што посочи адвокатот Софија Спасевска Миленковска која е дел од проектот за ,,Бесплатна правна помош” е изградбата на Советувалиште за жртви од семејно насилство.

-Ако имаме едно советувалиште што нема да го оптовари Буџетот, каде што некој од Комисијата ќе биде вработен, сметам дека  во соработка со невладиниот сектор, тоа советувалиште ќе претставува еден вид медијатор помеѓу институциите и жртвите. Познато е дека жртвите не се осмелуваат да пријават од повеќе причини, а со постоењето на тоа советувалиште, таа мултисекторска соработка ќе биде поизразена, рече Спасевска Миленковска.

Сузана Петровска од Општина Делчево ги поздрави организаторите што денешниот настан го организираат ден пред отпочнување на кампањата, која почнува на 25 ноември кога се одбележува Светскиот ден за борба против семејно насилство, а завршува на 10 Декември на Светскиот ден за борба за човековите права.

Денешната трибина ,,Зошто жените молчат за семејното насилство” се организираше со  поддршка од Амбасадата на Република Франција во РС Македонија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*