Локалните производи и рачни изработки од Пехчево, Малешевијата и Пијанец денес беа претставени во рамки на Етно саемот ,,Пехчевски Павловден” кој заедно со Фестивалот на дувачки оркестри – Пехчево 2024 се одржуваат во чест на патроните на градот, Светите апостоли Петар и Павле.
За домашните изработки интерес покрај посетителите покажа и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуноски, кој најави дека поддршката која министерството ја дава на ваквите манифестации ќе продолжи и во иднина.

– Како министерство ваквите настани ги поддржуваме преку програмата за рурален развој, сакаме да продолжи традицијата и негувањето на руралниот развој. Едноставно ваквите настани да бидат поттик да се продолжи и во иднина. Голема е честа заедно со градоначалникот да се биде на ваков настан, бидејки сум информиран дека повеќе години се организира и добива на интензитет. Го охрабрувам да продолжи со уште посилно темпо, а ние како министерство ќе даваме уште поголема поддршка да продолжат со организација, рече Трипуноски.

За успешна организација на саемот ,,Пехчевски Павловден”, како што додаде градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, Министерството годинава ги зголемило средствата за поддршка на саемот на 120.000 денари.
-Им благодарам што како министерство ни помогнаа во организацијата на фестивалот и се надевам дека во иднина ќе имаме поголема поддршка. Во соработка со Министерот кој е запознаен со проблемите на производителите, сигурен сум дека истите во иднина ќе ги решаваме еден по еден, рече Китански.

Овогодишниот саем како што додаде се организира по шеснаесетти пат.
-Мило ми е што сме обединети и успеваме да ги одржиме традиционалните вредности, преку промоција на традиционалните производи, ракотворби и други дејности кои се во тесна врска со руралниот развој.
Денешниот Павловден е целосно во знакот на традицијата со нашиот богат Етно саем кој ќе продолжи со разновидната програма на Пехчевскиот Етно фестивал. Со тоа Општина Пехчево се стреми да предизвика долготрајно позитивно влијание за локалната економија и да биде пример за Руралната заедница, додаде Китански.

Во рамки на празнувањето во црквата ,,Св Петар и Павле” се одржа и света литургија со служење на ручек за присутните.

-Денес е патрон празник на нашата соборна црква. Ова е храм кој што е изграден на темелите на посточеки храм кој датира од втората половина на 17 век. Во осумдесеттите години од претходниот век е урната и е изградена сегашната црква, истакнаа од свештенството на црквата.

Прославата на Павловден во Пехчево ќе продолжи со вториот дел од програмата на Фестивалот на дувачки оркестри, во чии рамки со почеток од 21 часот ќе настапат познатите балкански музички ѕвезди Милица Тодоровиќ, Дејан Ристиќ со неговиот оркестар и Диџеј Доамлоаф.

Leave a Reply