Во фоајето на Спомен Домот АСНОМ во Делчево денеска беше отворена Ликовната изложба „Ѓуриште“ – 20 години бои, инспирација и заедништво, која е резултат на соработката со Домот на култура „Крсте Мисирков“ од Свети Николе.
Изложбата ќе биде поставена во наредните десет дена, а на отворањето директорот на НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, Златко Начовски, истакна дека Делчево е горд домаќин на една од најреномираните ликовни колонии во државата.
– Добредојдовте на уште една Ликовна изложба која е резултат на одличната соработка. Особена чест ни е што колонијата „Ѓуриште“ по првпат се претставува во Делчево – рече Начовски.
Директорот на Општинска установа Дом на култура Крсте Мисирков, Николче Тренчев потенцираше дека ликовната колонија „Ѓуриште“ годинава одбележува 20 години постоење и има изградено реноме меѓу најпознатите во Македонија и регионот.
– Колонијата е меѓународна и сè повеќе привлекува уметници од земјава и странство. Фондот денес брои 420 дела, а оваа година симболично учествуваа 20 уметници со 20 дела. Воспоставивме традиција сите автори заеднички да создаваат едно платно со свој потпис. Благодарност до Општина Свети Николе за поддршката и финансирањето – изјави Тренчев.
Како стручен соработник за визуелни уметности и ликовен раководител, Александар Белогаски ја нагласи потребата младата популација да биде вклучена во културните текови.
– Ми е особено драго што расте интересот кај младите за посетување изложби. Нашето ликовно ателје е отворено за сите талентирани млади кои сакаат да работат и да ја развиваат уметноста во нашата општина – изјави Белогаски.
Изложбата „Ѓуриште“ е дел од одбележувањето на 20 години од постоењето на колонијата, која со својот континуитет и уметнички квалитет се наметна како еден од најзначајните културни настани во државата.

Leave a Reply