Реализирана уште една успешна активност на ЈЛБ „Илинден“ Делчево

Делчево, – Во организација на ЈЛБ „Илинден“ – Делчево, во градот се одржа несекојдневна и исклучително впечатлива промоција на монографии и книги посветени на делчевските села и нивната историја. Настан кој, како што истакна директорката на библиотеката Билјана Петровска, во време на брзо секојдневие нè потсети колку е важно да застанеме, да погледнеме назад и да се вратиме таму каде што започнува сè – во селото, во корените и историјата што ја градиле генерациите пред нас.

Она што настанот го направи уникатен беше начинот на презентација: девојчиња облечени во делови од традиционални носии продефилираа по импровизираната „модно-книжна“ писта со монографиите во раце. Нивната појава беше симболичен потсетник дека тие се новите раскажувачи на приказните за делчевските села и чувари на сеќавањето. Монографиите, насликани преку фотографии, раскажани судбини и факти, беа претставени како вистински мали ризници на локалната историја.

„Традицијата не е минато, туку патоказ. Нашите села не се заборавени точки на картата, тие се срцето на Делчево и Малешевијата. Книгата е мост меѓу тоа што сме биле и она што ќе станеме“, беше пораката испратена од организаторите.

На промоцијата присуствуваа родителите на учесничките, како и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој ја поддржа иницијативата и значењето на ваквите културни проекти.

Девојчињата ги претставија следните монографии:

  • Андреа Костадиновска – „Разловци“
  • Анастасија Костовски – „Киселица низ едно време“
  • Ванеса Георгиевска – „Паметници за Царево село“
  • Андреа Миовска – „Патот до себе“ (с. Вртиславци)
  • Евгенија Јовановски – „За Делчево и животот на делчевчани“
  • Мелани Алексовска – „Јовановска маала во село Очипала“
  • Марта Гоцев – „Мемоарите од животот на Јован Гаврил Величковски“ (с. Митрашинци)
  • Дариа Петровска – „Панчарево“
  • Анастасија Јовановски – „Робово – село Малешевско“
  • Сара Гоцев – „Патот до вистината“ (с. Вртиславци)
  • Михаела Мијалчова – монографија за Делчево
  • Магдалена Јовановски – „Драмче – споменик на времето“

Од ЈЛБ „Илинден“ упатија голема благодарност до сите учеснички и нивните родители за поддршката и посветеноста, како и до Дарко Тасевски, чија музика го збогати настанот и придонесе за волшебната атмосфера.

Настанот уште еднаш потврди дека Делчево има силен дух и културна традиција што живее, се негува и се пренесува на младите генерации. Оваа промоција беше мала благодарност кон корените и голема надеж дека секоја од овие приказни ќе си го најде патот до нов читател кој ќе ја продолжи традицијата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*