Нема цигари во ресторани, кафулиња и автомобили: Владата подготви нов закон за целосна забрана за пушење

Скопје, 9 јануари 2026 – Владата подготвува нов, значително построг Закон за заштита од пушење, со кој се предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни простори, угостителски објекти и во автомобил доколку во него има дете.

Според предлог-верзијата на законот, до која дојде Телма, пушењето ќе биде забрането во сите објекти за исхрана и забава, вклучувајќи ресторани, кафулиња, барови, меани и кантини. Забраната ќе важи и за терасите на угостителските објекти, освен ако тие не се целосно отворени од најмалку три страни.

Новиот закон предвидува забрана за пушење и на автобуски и железнички станици, пазари, јавни институции, како и во други јавни простори. Посебно ригорозна мерка е забраната за пушење во автомобил во присуство на дете.

Забрана и за електронски цигари и ароми

Со законските измени се опфаќаат и сите типови електронски цигари и вејп уреди. Дополнително, се забранува производство, увоз, дистрибуција и продажба на тутунски и никотински производи со ароми или вкусови.

„Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“, стои во предлог-законот.

Цигарите, како класичните така и електронските, нема да смеат да се рекламираат, ниту да бидат видливо изложени на рафтовите во маркетите и продавниците.

Целта – заштита на здравјето и младите

Од Министерството за здравство, кое е креатор на законските измени, велат дека ваквите мерки се неопходни за да се спречи сериозна здравствена криза.

„Со предлог-законот се воведуваат појасни и построги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со посебен фокус на децата и младите. Целта е намалување на изложеноста на чад и аеросоли и спречување создавање нови генерации зависници“, велат од Министерството.

Според последните податоци, стапката на пушење кај возрасните во Македонија надминува 45 проценти, што е значително над европскиот просек. Околу половина од пушачите консумираат повеќе од 20 цигари дневно, а годишно околу 4.000 лица умираат од болести поврзани со пушењето.

Предлог-законот наскоро треба да биде објавен на платформата ЕНЕР, по што ќе следува јавна расправа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*