Работилница и дискусија за проблемот со бездомните кучиња во Делчево

Делчево – Денеска, во својство на Претседател на Советот на Општина Делчево и како доктор по ветеринарна медицина, Николчо Стојменовски организираше работилница и отворена дискусија на тема бездомни и улични кучиња – еден од покомплексните предизвици со кои се соочува општината.

На настанот учествуваа претставници од општинската администрација, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), комуналната инспекција и инспекторатот за екологија, со цел темата да се разгледа од повеќе институционални и стручни аспекти.

Главен гостин и експерт на настанот беше д-р Воислав Димитровски, ветеринар со долгогодишно искуство и активно учество во решавањето на проблемот со бездомни кучиња на национално ниво.

Во рамки на дискусијата се разгледаа актуелната состојба со популацијата на улични кучиња во Делчево и предизвиците што таа ги носи за граѓаните и за самите животни. Особено внимание беше посветено на современите и хумани методи за контрола на популацијата, вклучително заловување, стерилизација, вакцинација – со акцент на вакцината против беснило – и враќање на терен. Дополнително, учесниците дискутираа за законската рамка и обврските на општината во однос на справувањето со овој проблем.

Заклучокот од средбата е дека проблемот со бездомните кучиња бара континуиран, системски и координиран пристап, со тесна соработка меѓу институциите, стручната јавност и граѓаните, при што хуманото постапување со животните останува врвен приоритет.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*